„Промените во светот покажуваат дека за да спречите идна војна мора да се подготвувате за таа војна. И, инвестициите коишто се прават сега со зголемени буџети за одбрана, со зголемување на производството на воена опрема, мислам дека се јасно во таа насока“, вели заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за „360 степени“ дадено на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата во Брисел
360°: Госпоѓо Шеќеринска, ова ваше прво интервју за македонски медиуми откако сте назначена за заменик-генерална секретарка на НАТО, не доаѓа во многу поволна ситуација за Алијансата, со оглед на пукнатината што се појави меѓу САД и највлијателните европски членки на НАТО во однос на начинот на којшто треба да се бара мировно решение за Украина. Во каква атмосфера помина денешниот министерски состанок овде во Брисел?
Шеќеринска: Знаете како, ако ја гледате историјата на НАТО, ќе видиме дека на неколку години имате една сериозна ситуација каде што патиштата на дел од влијателните земји членки малку се раздвојуваат. Ниту е прв ниту ќе биде последен пат. Тоа, едноставно, доаѓа со територијата да бидете демократска алијанса или алијанса којашто опфаќа 32 демократии. Не секогаш ќе имате идентични ставови. Мислам дека добрата вест од овој министерски состанок, кој доаѓа во тежок момент, ние три години живееме тежок период за глобалната безбедност, за геополитичката стабилност во светот, е дека постои целосен консензус дека сите мораме да се сконцетрираме повеќе на создавање на нашата политика на одбивање и на одбрана. Дека земјите членки се согласни дека многу повеќе треба да се сконцентрираме на производство и на буџетски издвојувања во одбраната и дека со поддршката на Украина, всушност, ја подобруваме и сопствената безбедност. Се разбира дека имаше и има одредени разлики во нијанси. Пораката којашто дојде од САД и дека очекуваат Европа да понесе поголем дел од товарот за европската безбедност. Не заради тоа што сметаат дека САД не треба да е тука, туку затоа што сметаат дека предолго Европа, на накој начин, ја користела гаранцијата којашто ја обезбедувале и финансирале САД. Така што, главната дискусија беше сконцентрирана особено во првиот дел на тоа дали Алијансата троши доволно и на вистински начин за да си ја обезбеди безбедност. Податоците беа добри затоа што европските членки, сега не зборувам за Европската Унија, сите членки од Европа и Канада, во последните неколку години имаат потрошено 700 милијарди евра повеќе. Да сумирам со една реченица, она што констатиравме е дека и Европа стана сериозна во поглед на планирањето на сопствената одбрана и издвојувањата финансиски за неа.
360°: Да го правевме ова интервју пред неколку дена ќе Ве прашав какви се шансите за мир во Украина, но сега Ве прашувам, под кои минимални услови НАТО како колективна организација која го почитува територијалниот суверенитет и интегритет на земјите, е подготвена или не е подготвена да оди при мировно решение за Украина?
Шеќеринска: Да бидеме јасни. Според тоа како течат дискусиите НАТО, како велите Вие под кои услови би одел, НАТО нема во моментов нема консензус ниту разговори да, на наш едноставен начин кажано – да оди во Украина. Напротив, целта, надежите, пораките коишто доаѓаат од земјите членки е дека постои интерес на неколку европски држави да испратат поддршка и во смисла на чизми на теренот, на мировници. Тоа значи дека НАТО, во принцип, ја обезбедува платформата за дискусија сега во моментов и главниот фокус на Алијансата е да продолжиме да ја обезбедуваме поддршката, финансиска, политичка и воена којашто и овозможува на Украина да преговара со повеќе сила. 99% од сета помош која ја добива Украина во изминатиов период доаѓа од земји членки на НАТО. НАТО најави минатата година дека земјите членки се обврзуваат за Украина да наменат 40 милијарди евра во текот на 2024 година. И постоеше страв, еве, дали НАТО ќе биде сериозен. Дали членките ќе бидат доволно сериозни и дали тоа ќе го испорачаат. Се испостави дека сме биле подобри од најавите. Наместо 40, обезбедена е поддршка во износ од околу 51,5 милијарди евра за Украина. И тоа е она што и овозможува на Украина да ја продолжи битката, да биде посилна кога ќе почнат преговорите. И тоа беше заложбата на НАТО. Да и дадеме шанса на Украина да стартува од позиција на сила, а не од позиција на слабост.

360°: Денеска, освен за Украина, зборувавте и за зголемување на буџетите, на буџетите за одбрана, за унапредување и засилување на воената индустрија. Беа потпишани писма за намери и меморандум за разбирање за меѓународна соработка. Дали ова значи дека НАТО повторно влегува во фазата на масовно вооружување како што тоа беше при Студената војна?
Шеќеринска: Мислам дека и кај нас се забележа изјавата на генералниот секретар дека земјите кои се членки на Алијансата не се во војна. Но, не се ни во мир. И дека треба да се прилагодиме на еден поинаков менталитет и поинакво носење политички одлуки коишто ќе не направат подготвени. Целта на НАТО секогаш била одбранбена. Значи, Алијансата е направена за да даде безбедност на граѓаните. Не за да биде агресивна, не за да освојува нови територии, туку да гарантира безбедност на милијарда луѓе. И тоа продолжува и понатаму. Но, очигледно промените во светот покажуваат дека за да спречите идна војна мора да се подготвувате за таа војна. И, инвестициите коишто се прават сега со зголемени буџети за одбрана, со зголемување на производството на воена опрема, мислам дека се јасно во таа насока. Да бидеме подготвени за да одбиеме напад. Да бидеме подготвени за да не даваме идеи на оние коишто сметаат дека преминувањето на границата може да значи и освојување на туѓа територија ако таа територија е дел од Алијансата. Значи, да, тоа е дел од политиката на одбрана на Алијансата. Да имаме соодветно производство, соодветно трошење од буџетите, издвојување од буџетите за одбрана. Знаете како, одвојувањето на 2% од БДП се договори во 2014 г., ние се уште не бевме членки на Алијансата, во ситуација кога глобално светот не се чувствуваше толку загрозен. И сега, ако се околу вас се менува, вие не можете да се држите на старите проценти.
360°: Колку се остварливи новите проценти? 3,7%, 5% дури. Тоа се страшни зголемувања?
Шеќеринска: Тоа се дискусии коишто ќе се водат, практично ова е почеток на таа дискусија пред Самитот во Хаг. Меѓутоа, факт е дека од 2014 г. до денеска многу работи се променија. Држави коишто имаа издвојувањата од 1% како Северна Македонија стигнаа до 2%. Ако можеме ние, можат и другите. Во новиот свет видете колку се издвојувањата коишто ги вршат другите земји. И, на крајот на краиштата, издвојувањата во одбрана е со цел да избегнеме војна. Прашајте ги сега колегите од Украина колку издвојуваат. Ако не се лажам 20% од нивниот БДП оди на финансирање на нивната одбранбена војна. Подобро е да инвестирате со време за да го избегнете военото сценарио. И, јасно станува дека и во Европа и во целава оваа евроатланска регија мораме да се подготвиме на свет кој ќе биде карактеризиран со поголема нестабилност. Затоа, да вложуваме за да не мора тие потези да ги правиме кога ќе биде предоцна.

360°: Како Ве прифатија овде во НАТО, сепак сте втор човек во политичката хиерархија, а доаѓате од една од земјите коишто последни се приклучиле, во 2020 г?
Шеќеринска: Тоа покажува дека не треба да стартувате, и ние како држава и ние како поединци, со комплексот дека доаѓате да, од мала држава, која може помалку да придонесе од останатите. Меѓутоа, може да имаме знаење, искуство, вредност којашто Алијансата ќе ја цени. Така што, тој мој бекграунд јас не го гледам како хендикеп. Некогаш, во кандидатурите може да биде хендикеп. Но, го гледам како предност заради тоа што, од друга страна, како држава која била во тешки ситуации и сериозни кризи поврзани со безбедност, ние точно знаеме која е цената на безбедноста. Многу европски држави заборавиле да размислуваат на прашањето војна или мир. Не знаат дека во моментот кога ќе ја загубите стабилноста и мирот, се друго веќе нема смисла. Ние тоа се уште го паметиме. Така што, сакам да се надевам дека тоа искуство може да биде плус во Алијансата. А мислам дека и од тоа што го слушам од колегите, мојата позиција овде покажува дека секоја членка, секој дел од Алијансата, може да даде придонес. И, навистина, мислам дека таа прилика треба да ја користиме во сите организации. Не треба да се чувствуваме дека сме мали, недоволно важни и дека заради тоа никогаш не можеме да дојдеме до овие позиции. Овој случај покажа дека како држава можеме да понудиме нешто и на поголемите на себе.