„Стара наредба“ – така Кривичниот суд во Скопје објаснува зошто полицијата го барала Миле Јанакиески дома наместо во затворот во Шутка, каде од петокот вечерта го издржува новиот 30-дневен притвор за предмет за злоупотреби со продажба на државно земјиште.

„Судот од претходно имаше издадено наредба полицијата да го спроведе Јанакиески од неговиот дом каде издржуваше мерка домашен притвор. Во меѓувреме, во петокот вечерта беше определена мерка притвор за друг случај. Судот не работи преку викенд и затоа немаше можност да се издаде нова наредба за спроведување на Јанакиески од истражниот затвор во Шутка, е не од неговиот дом. Нова наредба ќе биде донесена“,
велат за „360 Степени“ од Кривичниот суд.
Ваквата некоординација во рамките на Кривичниот суд резултираше со ново одложување на рочиште за случајот „Насилство во Центар“, во кој екс-министерот Јанакиески е еден од обвинетите. И неуспешниот обид за пронаоѓање на Јанакиески дома, како и одложеното рочиште – чинат пари, кои на крај ќе ги платат граѓаните.

Исто така, одлагањето на рочиштето го одлага и завршувањето на судскиот процес за овој случај за кој СЈО покрена обвинителен предлог пред речиси три години, на 14 септември 2016 година.
„Апелираме во иднина да нема непотребни одложувања на рочишта“,
велат од СЈО за „360 Степени“.
Неработење на судот за викенд беше објаснувањето и за доцното распишување национална потерница за Никола Груевски, за кого подоцна се испостави дека избегал од државава.