Од МВР велат дека презеле плански мерки и активности за постапување во случај на терористичко загрозување

Лажни се дојавите за поставени бомби што утринава стигнаа на електронските адреси на неколку училиштата, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави“,
велат од МВР.
Од МВР велат дека презеле плански мерки и активности за постапување во случај на терористичко загрозување.
Исто така, се вршело и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.
„Министерството за внатрешни работи повикува и апелира на смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот“,
додаваат од МВР.
Инаку, утринава на електронските адреси на неколку училишта во Скопје, но и во други градови, стигнале дојави за поставени експлозивни направи.
„360 степени“ денеска доби потврда дека дојави имало стигнати во училишта во општините Аеродром, Гази Баба, Бутел и Центар. Учениците што не биле веднаш земени од родителите веќе се вратени во училиштата и наставата е продолжена.