Минатиот петокот голем број граѓани одлучија да го поддржат бојкотот што се иницираше на социјалните мрежи и да ги заобиколат големите синџири маркети, како реакција на високите цени на производите
Откако минатиот петок голем број граѓани решија да испратат порака бојкотирајќи ги маркетите поради што прометот во големите трговски синџири тој ден бил намален за речиси 50 проценти, за денеска е најавен нов бојкот.

Додека граѓаните, преку социјалните мрежи се повикуваат и денеска да го избегнат пазарувањето поради високите цени на прехранбените производи, надлежните најавуваат мерки што ќе бидат преземени поради поскапувањата.
Владата, како што изјави вчера министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, го чека извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) што ќе се однесува на контролите направени кај дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците и денеска или в понеделник ќе информира за мерките што ќе бидат преземени во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи.
Во однос на бојкотот, министерот вели дека тоа е легитимно право на граѓаните и оти ги разбира.
„Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како влада ќе преземеме соодветни мерки“,
изјави вчера Дурмиши.
Министерот соопшти и дека во понеделник ќе се одржи и средба со претставници на синдикатите, Организацијата на потрошувачите, Државниот завод за статистика, министерствата за финансии и за земјоделство, како и со претставници на сите останати релевантни институции околу новата методологија за пресметување на потрошувачката кошница.
И премиерот Христијан Мицкоски вели дека го разбира револтот на граѓаните и дека го поддржува бојкотот, но очекува производителите, дистрибутерите и трговците преку дијалог да го надминат проблемот.
„И јас сум еден од потрошувачите и понекогаш сум револтиран кога плаќам исти производи по повисока цена од оние цени коишто се во соседството. Ова е дел од проблемот, имаме и други проблеми, како што се друг тип на трговци, со друг тип на производи, како што се лекови, бела техника итн., коишто продаваат производи кои ако се споредат со оние од околината, некогаш се два до трипати поскапи“,
изјави вчера премиерот.
Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто, велат од ССК.
„Супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи“,
наведуваат од Сојузот на стопански комори, пренесе МИА.
Минатиот петокот голем број граѓани одлучија да го поддржат бојкотот што се иницираше на социјалните мрежи и да ги заобиколат големите синџири маркети, како реакција на високите цени на производите.
Отсуството на редици на касите во маркетите беше забележливо уште од утрото, со отворањето на вратите за потрошувачите, а сликата на полупразни маркети продолжи и во текот на денот.
Повиците за бојкот на маркетите што изминатата недела се ширеа на социјалните мрежи дојдоа откако се појавија вести за слични граѓански акции во регионот – во Хрватска, Босна и Херцеговина и во други држави.
Најавата за бојкот наиде на оправдување кај целата јавност, а поддршка доби од политичките партии и од власта и од опозицијата.
Според податоците што ги објави Управата за јавни приходи (УЈП), вкупниот промет во осумте поголеми трговски синџири во земјава минатиот петок бил намален за 46,59 отсто во споредба со претходниот, а за 46,29 проценти во однос на четвртокот.
