Дополнително, од Обвинителството информираат дека бранителот на Кулакови утре ќе изврши дополнителен увид во прибраните докази за постапката
Членови на семејството на Фросина Кулакова денеска во Јавното обвинителство биле информирани за текот на постапката и прибраните докази во врска со случајот кој го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, а се однесува на сообраќајната несреќа во која на 29 јануари загина 22-годишната девојка.

Дополнително, од Обвинителството информираат дека бранителот на Кулакови утре ќе изврши дополнителен увид во прибраните докази за постапката.
„Членови на семејството на жртвата во својство на оштетени и законски застапници дадоа исказ и се запознаа со постапката и со прибраните докази. Во текот на утрешниот ден нивниот бранител ќе изврши и дополнителен увид во доказите“,
информираат за МИА од Јавното обвинителство.
Против осомничениот возач Васил Јованов се води постапка за сторено најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Како што пред неколку дена изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, неспорно е оти станува збор за сторено кривично дело со умисла со оглед на тоа што Јованов возел под дејство на алкохол, без возачка дозвола, и поминал на црвено со многу поголема брзина од дозволената.