„Обвинителството го следи настанот. Вклучени се јавните обвинители во специјализираното Одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и затворската полиција“, рече јавниот обвинител
Во секој момент чекаме да го идентификуваме и да го откриеме лицето што му го дало мобилниот телефон на Васил Јованов во притворското одделение во затворот во Шутка. Ова денеска на прес-конференција го соопшти јавниот обвинител Ислам Абази одговарајќи на новинарско прашање за случајот со објавените фотографии од 20-годишниот Васил Јованов кој минатата недела смртно ја прегази младата Фросина Кулакова, а на кои се гледа како во притворското одделение во затворот во Шуто Оризари во рацете држи мобилен телефон.
„Обвинителството го следи настанот. Вклучени се јавните обвинители во специјализираното Одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и затворската полиција“,
рече тој.
Случајот е во надлежност на Јавното обвинителство за организиран криминал.
На прашањето дали обвинителството ќе оформи предмет за судијката Даниела Алексовска-Стојановска, јавниот обвинител Ључо Коцевски рече дека во моментов нема сознанија дека е отворен предмет, зашто нема индиции за сторено кривично дело.
„Во моментов немам сознанија дека е отворен предмет против судијката што ја спомнавте, зашто во овој момент немаме никакви евентуални докази за некакви индиции, односно сомнение во однос на оваа судијка. Нема елементи и индиции за сторено кривично дело. Доколку има, јавното обвинителство стои на располагање“,
вели Коцевски.
Одговарајќи зошто била запрена кривичната постапка за Васил Јованов, Коцевски рече дека кривичната постапка не е запрена ниту, пак, отфрлена, туку дека има законска одредба во Законот за кривична постапка за полесните кривични дела од областа на сообраќајот, каде јавниот обвинител има право да предложи т.н. одложено плаќање.
„ Сакам јавноста да биде правилно информирана. Значи, не е запрена кривичната постапка, не е отфрлена кривичната пријава. Има законска одредба во Законот за кривична постапка, за полесните кривични дела од областа на сообраќајот, каде што казната што му се заканува е од една година затвор или парична казна, во согласност со оштетениот, јавниот обвинител го повикува оштетениот, и доколку оштетениот не бара штета, тогаш јавниот обвинител има право да предложи т.н. одложно плаќање, со тоа што му дава решение на сторителот во одреден рок да плати одредена парична сума, која ќе ја определи јавниот обвинител согласно неговите можности. Доколку во тој рок се плати износот што е определен со решението, тогаш против тој сторител не се презема кривично гонење. Вака ги решаваме 90 отсто од случаите“,
рече тој
Според него, станува збор за законска одредба која многу често ја применуваат, а парите често се уплатуваат во буџетот или во хуманитарни цели.
Семејството на Фросина реагираа по објавените фотографии на Васил со мобилен телефон во рацете барајќи да се најде одговорниот што му дал телефон.
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов во изјава за „360 степени“ потврди дека фотографиите од Јованов се автентични и рече дека на 20-годишникот му е одземен телефонот, а во затворот биле направени претреси.