Обвинителството ќе бара Основниот кривичен суд Скопје да ѝ одреди мерка притвор на првоосомничената и мерки за претпазливост на останатите седум осомничени
Под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), денеска се приведени уште осум лица од Битола, Кичево и Велес во проширената постапка за случајот „Адитив“ во кој првично под истрага беа 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
„Како резултат на обезбедениот доказен материјал, донесена е уште една наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека три лица опфатени со претходната истрага сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. За истото дело се осомничени и уште пет други лица од кои на првоосомничената се товари и за кривично дело злосторничко здружување. На три лица опфатени со истражната постапка им се става на товар дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Воедно, во предметот покрај досегашните четири кривично одговорни правни лица опфатено е уште едно правно лице чиј сопственик и управител е првоосомничената“,
информираат од Јавното обвинителство на РСМ.
Обвинителството ќе бара Основниот кривичен суд Скопје да ѝ одреди мерка притвор на првоосомничената и мерки на претпазливост на останатите седум осомничени. За тројцата осомничени за кои веќе се води истражна постапка остануваат претходно изречените мерки за обезбедување на присуство.
Дополнително, на предлог на Обвинителството се замрзнати 22 399 953 денари и едно патничко моторно возило во вредност од 4 735 000 денари.