„Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот ‘Шутка’ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на МВР, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда“, вели Тошковски
Јавноста бара правда, а не политички театар и навистина е срамно тоа што СДСМ води некрофилска кампања, реагира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако СДСМ го повика на одговорност затоа што притворениот Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова од Неготино, беше снимен со мобилен телефон во притворското одделение во затворот „Шутка“.
Тошковски нагласува дека затворите не се во надлежност на МВР, туку на Управата за извршување санкции, која е орган во состав на Министерството за правда.
„Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот ‘Шутка’ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда. Но, суштината не е во ‘незнаењето’, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа“,
напиша Тошковски на својот фејсбук-профил.

Да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот монструм и да биде соодветно санкциониран, реагираше денеска на Фејсбук сестрата на Фросина Кулакова, Росица Кулакова, откако на социјалните мрежи беа објавени фотографии од 20-годишниот Васил Јованов во притвроското одделение во затворот во Шутка со мобилен телефон во рацете.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во изјава за „360 степени“, потврди дека фотографиите од Јованов се автентични и информира дека на 20-годишникот му е одземен телефонот, а во затворот биле направени претреси.
За фотографиите од Јованов со мобилен телефон реагираа и од опозицискиот СДСМ.
„Веќе два дена јавноста е во шок од трагедијата што ја потресе целата држава, откако Васил, 20-годишник без возачка дозвола, ја прегази младата Фросина, која за жал почина на лице место. Граѓаните се револтирани, јавноста е бесна, а протестите не стивнуваат. Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането. Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор“,
прашаа од СДСМ.
