Договор за одржување на предвремените парламентарни избори е можен се додека трае вонредната состојба. Понатаму стапува на сила законот кои вели дека изборите треба да се одржат на 21 јуни, изјави денеска портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарско прашање дали има некакви контакти или неформални разговори со опозицијата за датум за избори, кога би била наредната лидерска средба и дали за СДСМ би бил прифатлив датум за избори во јули.
„Ние сакавме компромис и затоа и учествуваме на лидерските средби. Но, ако ВМРО-ДПМНЕ не сака договор, ние нема нема да дозволиме штета на државата и граѓаните. Ние мора да водиме грижа за сите аспекти, грижа за државата, за здравјето на граѓаните и секако да се обезбедат функционални институции и никако не смееме да дозволиме земјата да ја воведеме во уставна криза“,
рече Кузеска на денешната прес-конференција.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја обвинија власта дека е за избори на кои наместо гласовите ќе се бројат заболени и починати, дека состојбата со коронавирусот во земјата од ден во ден се влошува и дека реалноста денес е полоша и од март кога беше прогласена вонредната состојба.
„Зоран Заев уште еднаш покажа и докажа дека политичката кариера му е поважна од здравјето на граѓаните, дури и по цена на човечки жртви. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи корона-избори. Заев и СДСМ и по цена на животи и по цена на економски колапс брзаат да одат на избори само за да го ублажат поразот“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
