Метеоролошкиот сервис „Аку ведер“ објави прогноза за претстојното лето, според која, Европа ќе биде зафатена од топлотен бран, поради што некои делови од континентот ќе бидат погодени од големи суши, силни бури и шумски пожари.
Според метеорологот Тајлер Ројс, се очекуваат долги периоди со температури меѓу 30 и 40, но и над 40 Целзиусови степени.
Метеоролошките предвидувања засега никаде во Европа не посочуваат на подолги периоди со дожд, поради што најпогодени ќе бидат посевите со пченица, пченка, сончоглед и шеќерна репка.
За Шпанија и Португалија, кои оваа пролет забележаа огромни количества врнежи од дожд за овој период од годината, се предвидува дека ќе имаат целосно или главно суво лето.

Во областите од северниот дел на Франција до северниот дел на Полска се можни силни бури. Централна и северна Франција, Германија и Данска се наоѓаат на граница на топла и сува јужна зона и студени воздушни струи кои пристигнуваат од север. Токму на тие подрачја им се закануваат силни бури проследени со град, ветрови, поплави, па дури и торнада, предупредува „Аку ведер“.