Американската компанија за имунотерапија „Иновио“ („Inovio Pharmaceuticals Inc“) објави дека експерименталната вакцина која ја развива против ковид-19 предизвикува реакции на имунолошкиот систем односно создава заштитни антитела кај глувци и заморчиња.
„Видовме реакции од антитела што прават многу работи кои сакаме да ги видиме во евентуалната вакцина. Можеме да ги таргетираме оние работи кои би го спречиле вирусот да најде засолниште во нашето тело“,
изјавил Дејвид Вајнер, директор на центарот за вакцини и имунотерапија при институтот „Вистар“, кој соработува со компанијата која работи на вакцината наречена „INO-4800“.
Меѓутоа, резултати од тестирањето на оваа вакцина врз луѓето сè уште нема.
„Иновио“ го започна тестирањето врз 40-тина луѓе во април, а прелиминарните резултати се очекуваат во јуни.
Кога ќе бидат сите резултати од првичното тестирање врз луѓе, од компанијата ќе бараат дозвола од Агенцијата за преминување во следната фаза односно испробување на вакцината врз поголем број луѓе.
Пред два дена од „Модерна“ – уште една американска компанија, излезе со оптимистички најави за вакцината.
Нивните резултати се однесуваа на тестирање врз луѓе и првичните сигнали се дека вакцината може да го зајакне имунолошкиот систем на луѓето, односно дека создава антитела кои можат да го неутрализираат вирусот.
Во моментов осум тимови во светот се во фаза на клинички испитувања на вакцина врз луѓето. Според Светската здравствена организација, една од нив е „Модерна“ во Масачусетс, уште две други вакцини исто така се тестираат врз луѓето во САД, четири во Кина, а една на Универзитетот „Оксфорд“ во Велика Британија.
Засега нема вакцина против ковид-19, а додека да се дојде до безбедна и ефикасна вакцина, која ги поминала сите фази на тестирања, се предвидува дека се потребни од 12 до 18 месеци.
Во меѓувреме, светот вчера (20 мај) го забележа рекордот според бројот на заразени во 24 часа – беа регистрирани 106 000 нови случаи.
Според статистичкиот веб-сајт „Ворлдометар“, пак, бројката на потврдени случаи од почетокот на пандемијата вчера надмина 5 милиони. Бројот на смртни случаи на глобално ниво изнесува 326 251, а на излекувани речиси 2 милиони.