Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во вестите на Канал 5 ТВ изјави дека на последната лидерска средба Зоран Заев и СДСМ го поставиле 21 јуни за датум за избори како ултиматум, но се надева дека нема да биде така и ќе се постигне консензус.
Тој очекува нова лидерска средба.
„Јасно е дека треба да има консензус и очекувам дека ќе има повторно лидерска средба. Не може Заев да поставува ултиматуми и да прави што сака“,
рече Јанушев.
Тој уште еднаш ги повтори ставовите дека во јуни не може да има избори бидејќи, според него, законот не го дозволува тоа зошто не може да се испочитуваат роковите за подготовка. Претседателот на Собранието, повтори Јанушев, е тој што според ВМРО-ДПМНЕ треба да даде нов датум за избори.
„Знаеме дека ултиматуми на Заев се невозможни, иако од него се може да се очекува. Сепак единствен кој може да утврди датум за избори е претседателот на Собранието, а тоа нема да се случи ако нема консензус. Значи нема да распише избори. Доколку пак од СДСМ сметаат дека тоа може владата да го направи сама со уредба со законска сила и ако прават манипулации не верувам дека ќе го постигнат тоа“,
рече Јанушев.
Досега се одржаа две лидерски средби. Последната беше на 18 мај, но тогаш политичките лидери не постигнаа договор за датум за избори. СДСМ е тие да се одржат што е можно побргу, а како датум го предложи 21 јуни, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека избори треба да има крајот на август или првата половина на септември.
