По 50 години Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје доби нов влез за возилата на Итната медицинска помош кој води до Ургентниот центар на Хирургија. Има нов паркинг, со што, според министерот за здравство Венко Филипче, тројно се зголемува капацитетот за паркирање.

Проектот за реконструкција опфаќа реконструкција и на улиците и со него се овозможува три вида сообраќај низ кампусот – болничкиот, издвоен од пешачкиот и од автомобилскиот.
„После повеќе од 50 години имаме посебен влез за возилата на Итната медицинска помош до Ургентниот центар на Хирургија, нов паркинг до зградата на Клиниката за гинекологија и акушерство на местото каде што беше старата гинеколошка клиника и нови улички кои ги спојуваат веќе постојните улици, со што очекуваме да се намали метежот во клиничкиот кампус, но и на улицата стара Водњанска, што мислам дека е една значајна придобивка. Дополнително на сето ова, овозможуваме многу полесно движење на пациентите низ клиничкиот кампус, полесно движење на интерклиничкото возило и посебни патеки за движење на пациентите со колички, било да се тоа седечки или лежечки пациенти“,
изјави Филипче.
Во наредната фаза од реконструкцијата, најави тој, ќе се работи на други влезови и излезе од кругот на Клиничкиот центар, а ќе се прави уште еден паркинг кај Инфективната клиника.

Филипче денеска беше во обиколка на Клиничкиот центар заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој најави дека четвртиот влез ќе се прави кај Кардиологија.
„Градот Скопје, во соработка со Министерството за здравство веќе месец и пол-два активно работи во кампусот на клиничкиот центар и веќе се сериозно видливи измените кои се инфраструктурно направени, како што се посебниот влез за возилата на Итната медицинска помош, се изработи и нов влез кај Инфективната клиника, се шират влезовите кон Стоматолошката клиника, а работиме и на проширување на улицата над Клиничкиот центар од каде што кај Кардиологија ќе изработиме и посебен-четврт влез, со кој во целост ќе го олесниме влегувањето и излегувањето од клиничкиот центар“,
посочи градоначалникот Шилегов.
Реконструкцијата во Клиничкиот центар започна со почетокот на епидемијата од коронавирусот и има за цел да го намали метежот и да го олесни движењето во кампусот.
