Директорот на ФЗО вели дека треба да се воспостави регистар на пациенти, како што веќе има за ретки болести или за дијабетес, каде што соодветно ќе се евидентираат пациентите и ќе се планираат количините на лекови што се неопходни. Ваков регистар на пациенти, според него, би требало да се воведе на клиниките каде што има особено скапа терапија и каде што лекувањето на еден пациент може да чини десетици илјади евра годишно

Во текот на оваа недела се очекува расчистување со недостигот на два лека на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а во следните десетина дена ќе има решение и за уште три други, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Клековски вели дека немањето лекови е настанато делумно поради традиционални проблеми, делумно поради промени што се случуваат во од.
„Секогаш на преминот од една во друга финансиска година, се случуваат вакви проблеми. Тие досега се решавале со реверси бидејќи реверсот како начин на работа е противзаконски, сите директори вклучувајќи и на Клиниката за онкологија, има наредба, знаат дека не треба да примаат лекови на реверси. И во тој период од една во друга финансиска година и непримањето на реверси, придонесе да настане овој проблем“,
рече Клековски денеска во изјава за медиумите.
Тој вели дека проблемот не е финансиски бидејќи, како што рече, минатата година се одобрени пет милиони евра повеќе, а за оваа година се предвидува тие да бидат значително поголеми.
„Она што се работи во моментот е мислам дека два од лековите со расчистување на одредена администрација, може дополнителни количини да се обезбедат. Другите ќе бидат набавувани во соодветни постапки, ќе бидат многу брзо достапни, бидејќи проблемот, повторно, не е финансиски, туку организациски и тоа е за краткорочниот проблем“,
рече тој.
Долгорочниот проблем, според него, е суптилниот проблем дека тие во основа не знаат за колку пациенти, колку терапија е потребна.
„Колку пациенти имаме и колку терапија ни треба? И сето ова е адхок. И ова доведе до кривични пријави што, се надевам, ќе резултираат во некаква одговорност“,
додаде директорот.
Тој најави дека денеска во ФЗО има закажано состанок со претставници на клиниките за онкологија, хематологија, на ИЈЗ, а кој е за воведување евиденција и следење на пациенти.
„Мора да воспоставиме регистар на пациенти, како што веќе има за ретки болести или за дијабетес, каде што соодветно ќе се евидентираат пациентите и ќе се планираат количините на лекови што се неопходни. Онаму каде што нема доволно лекови за сите ќе бидат јасни и транспарентни критериумите кои пациенти ќе ја добијат таа терапија, кој пациент нема да ја добие соодветната или таква терапија како што се очекува“,
додаде Клековски.
Клековски вели дека ваков регистар на пациенти би требало да се воведе на клиниките каде има посебно скапа терапија и каде лекувањето на еден пациент може да чини десетици илјади евра годишно.
Тој рече дека денеска на состанокот ќе се разговара за временска рамка до кога би се вовеле такви регистри.
Неговите очекувања, а за кои вели и дека ќе инсистира, се тие да бидат воведени до полугодието на оваа година.
„Планираме значително зголемување на буџетот за 2025 година. Значително зголемување на буџет за 2025 година без јасно транспарентно и одговорно работење, нема шанса. Значи не може да продолжи како што било во минатото“,
одговори тој на новинарско прашање.
Прашан зошто се потребни шест месеци за да се избројат онколошките пациенти, тој рече дека не брои пациенти и оти има институции што се одговорни за тоа.
Клековски се сложи дека формирање регистар не е толку комплицирано, а посочи да се прашаат тие клиники што прават отпор, зошто го прават тоа.
„Ќе инсистирам да има регистар. Ние не можеме да продолжиме да финансираме нешто што е нејасно и нетранспарентно. Многу едноставно“,
додаде тој.
Пациентите на Онкологија вчера алармираа дека на Клиниката од петокот немаат шест лекови од биолошката терапија, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште три други.
Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“, вели дека Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина Марјановиќ вели дека е тоа што „ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија“.
Проблемот го потврдија и од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје од каде што велат дека е резултат на административни процедури, кои се реализираат согласно буџетот за 2024 година.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите.
За недостатокот на биолошката терапија вчера реагираа од СДСМ од каде рекоа дека е алармантен проблем бидејќи станува збор за лекови кои буквално значат живот за пациентите со метастатски канцери.