Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, вели дека прекинот на огнот нема да стапи во сила сѐ додека Хамас не ги исполни своите обврски и дека дотогаш Израел ќе продолжи да напаѓа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас не ја исполнил својата обврска да ги даде имињата на тројцата заложници што требаше да ги ослободи подоцна во текот на денот во замена за голем број палестински затвореници.
Тој ѝ наложил на израелската војска дека прекинот на огнот, кој требаше да стапи во сила утрово, нема да започне сѐ додека Хамас не ги објави имињата на заложниците што треба да ги ослободи, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, изјавил дека Хамас не ги исполнува своите обврски да ја испрати листата на заложници во Израел, пишува Ројтерс.
Тој додал дека прекинот на огнот нема да стапи во сила сѐ додека Хамас не ги исполни своите обврски и дека дотогаш Израел ќе продолжи да напаѓа.
„Војската е целосно подготвена за спроведување на прекинот на огнот и подготвена да одговори доколку неговите услови бидат прекршени од Хамас“,
вели Хагари.
RAdm. Hagari: “𝗔𝘀 𝗼𝗳 𝘁𝗵𝗶𝘀 𝗺𝗼𝗿𝗻𝗶𝗻𝗴, 𝗛𝗮𝗺𝗮𝘀 𝗵𝗮𝘀 𝗻𝗼𝘁 𝗳𝘂𝗹𝗳𝗶𝗹𝗹𝗲𝗱 𝗶𝘁𝘀 𝗼𝗯𝗹𝗶𝗴𝗮𝘁𝗶𝗼𝗻, 𝗮𝗻𝗱 𝗰𝗼𝗻𝘁𝗿𝗮𝗿𝘆 𝘁𝗼 𝘁𝗵𝗲 𝗮𝗴𝗿𝗲𝗲𝗺𝗲𝗻𝘁, 𝗵𝗮𝘀 𝗻𝗼𝘁 𝗽𝗿𝗼𝘃𝗶𝗱𝗲𝗱 𝘁𝗵𝗲 𝗦𝘁𝗮𝘁𝗲 𝗼𝗳 𝗜𝘀𝗿𝗮𝗲𝗹 𝘄𝗶𝘁𝗵 𝘁𝗵𝗲 𝗻𝗮𝗺𝗲𝘀 𝗼𝗳…
— LTC Nadav Shoshani (@LTC_Shoshani) January 19, 2025
Членовите на Хамас денеска објавија дека „од технички причини“ групата сè уште не му доставила на Израел список на заложници што треба да бидат ослободени, што мора да го направи според договорот за прекин на огнот, за да започне примирјето.
Официјален претставник на Хамас, како што пренесува агенцијата АФП, вели дека имињата на заложниците што треба да бидат ослободени според договорот за прекин на огнот со Израел ќе бидат предадени во секој момент, но дека „комплексноста“ во Газа и израелските напади предизвикале одложувања.
„Гардијан“, повикувајќи се на телевизијата Ал Араби, пренесува дека израелската војска пука во Палестинци кои се обидуваат да се вратат во својот дом во Рафах.
Според медицинските лица, тројца Палестинци се убиени во источниот дел на Газа од израелски беспилотни летала кои отвориле оган.
Израелската војска потврди дека продолжува со нападите во појасот, додавајќи дека нападнала „терористички цели“ во северниот и централниот дел на Газа. Во соопштението од ИДФ, објавено на Икс, се вели дека војската останува подготвена во напад и одбрана и нема да дозволи никаква штета на граѓаните на Израел.
⭕The IDF is continuing to operate and strike terrorist targets in Gaza.
— Israel Defense Forces (@IDF) January 19, 2025
A short while ago, IDF artillery and aircraft struck a number of terrorist targets in northern and central Gaza.
The IDF remains ready in offense and defense and will not allow any harm to the citizens… pic.twitter.com/jb0WbATN6H
Портпаролот на Агенцијата за цивилна одбрана на Газа, управувана од Хамас, изјавил дека осум лица се загинати во израелските воздушни напади во Газа во првиот час кога требаше да стапи во сила прекинот на огнот.
Според него, петмина се загинати во градот Газа, тројца на север, а уште 25 се ранети.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера рече дека првата фаза од договорот за прекин на огнот е привремена, додавајќи дека „ако мора да се вратиме на борбите, тоа ќе го направиме на нови, силни начини“.
Коментарите на израелскиот премиер беа дадени во неговото прво обраќање до нацијата по договореното примирје и враќањето на израелските заложници од Газа. Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас требаше да почне денеска во 6:30 часот по Гринич.
Како дел од договорот, 33 од 98-те преостанати израелски заложници киднапирани од Хамас се очекува да бидат ослободени во оваа фаза.
Во замена, Израел ќе ослободи околу 2 000 Палестинци кои моментално се притворени низ повеќе затвори.