Како што се наведува во соопштението, двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак, со црна боја, на возраст од околу една година
Основното јавно обвинителство поднело обвинение против две лица за кривичното дело – убивање и мачење животни, информираат од Обвинителството.
„Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ја предвид пред сè вознемиреноста што во јавноста ја предизвика видеоснимка од мачење на куче во Момин Поток, веднаш по поднесувањето на кривичната пријава презеде дејствија и го прибра целокупниот доказен материјал и денеска поднесе обвинение против две лица за кривично дело – убивање и мачење животни од член 233 став 1 од Кривичниот законик“,
се наведува во соопштението на ОЈО – Скопје.
Како што се наведува во соопштението, двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак, со црна боја, на возраст од околу една година.
„Првообвинетиот со тврд дрвен предмет во облик на стап и без оправдана причина започнал да го удира со повеќе удари кучето во пределот на главата и телото, нанесувајќи му тешки повреди. Потоа, заедно со второобвинетиот го врзале со жица и така врзано го влечеле по дворот до контејнер, каде го фрлиле мислејќи дека кучето е мртво. Како последица на повредите, кучето угинало на 07.01.2025 година“,
велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител доставил и предлог за определување мерка на претпазливост – задолжително јавување во Судот за двајцата обвинети, имајќи го предвид пред сè објектот на инкриминацијата на ова кривично дело изразено преку заштита на животните од нехумано постапување.
По смртта на кучето Феликс, кое крвнички беше претепано од вработен во фирма кај Момин Поток, граѓаните започнаа петиција и побараа институциите да си ја завршат работата и да го сработат она што го предвидуваат законите.
Претходно ЈП „Лајка“ извести дека и покрај напорите да закрепне, угинало кучето кое во ноември беше крвнички претепано со стап од вработен во фирма кај Момин Поток.

Инцидентот со бруталното насилство врз уличното куче предизвика жестоки реакции во јавноста откако се појави вознемирувачка видеоснимка на која се гледа како работникот го извршува грозоморниот чин. Шеесет и едногодишниот насилник беше повикан на разговор во полицијата, по што беше ослободен, но против него полицијата поднесе кривична пријава за мачење животни, кривично дело за кое следува парична или казна затвор во траење од шест месеци.