Патеките се во одлична состојба, коментираат скијачите кои ги сретнавме при снимањето на репортажа од Маврово. Работат и жичарниците и ски-лифтовите, а од ски-центарот се надеваат дека конечно ќе одработат целосна ски-сезона
Во работна недела нема поголеми тешкотии да се дојде до или да замине од Маврово. Но преку викенд, нецелосно исчистената од снег површина на коловозот и недостатокот на паркинг прават сообраќајот буквално да се закочи
Големите снежни наноси кои донесоа речиси половина метар снег навидум не направија проблем за екипите на „Македонија пат“, барем не според она што може да се забележи кога се движите по регионалниот пат до Маврово… Но, проблем се појавува веднаш штом ќе се исклучите кај браната кон терените, каде неисчистениот тесен пат го отежнува движењето на возилата.

Иако не снимавме за викенд, паркингот пред ски-патеките беше преполн со автомобили, најчесто македонски, но и од соседството.
По двегодишниот сушен период, снегот конечно пристигна и во еден од најпознатите македонски зимски туристички центри „Маврово“. Токму одличните услови за скијање и санкање го наполнија Ресорот Маврово со туристи од дома, но и од околните земји.

Потврда дека сезонава е плодна добивме и од еден продавач на ски-опрема.
360°: Доаѓаат ли сега туристите?
Има туристи – да, има од Албанија и наши од Скопје… од цела Македонија има туристи.
Ски-патеките нудат одлични услови и забава и за највозрасните, но и за младите. Оние кои сега започнуваат да ги прават првите чекори со скии се лоцирани на најјужниот дел од патеката, додека за искусните љубители на снегот, предизвикот е на еден од врвовите на планината Бистра каде се стигнува по петнаесет минутно возење со една од трите жичарници.

Минусните температури, во комбинација со силен ветер, не ги одвратија скијачите да ги тестираат вештините.
Еден од ратраците со кои располага концесионерот на ски-патеките ја имаше редовната ротација за оддржување на снегот која наврна во ски-центарот „Ресорт Маврово“.
Во Маврово годинава, како и по обичај, доминираат домашните туристи. Па, ги прашавме, какви се условите и какво е чувството повторно да се скија тука, имајќи предвид дека претходните две сезони беа речиси без снег.
Па, супер се стазите оваа година, само пред 3-4 дена имаше малку кал и не беше тоа тоа, но денеска е супер. Особено под едносед.
Често доаѓаме, скоро секој викенд и преубаво е.
-За разлика од минатото?
Па за разлика од минатата недела има повеќе снег, не е толку кал и добри се стазите.
велат дел од туристите.

Иако снегот е добредојден, поплаки има за цените.
„Значи премногу е скапо тука, за условите кои се нудат премногу е скапо“,
ни одговори еден посетител на ски-центарот.
Покрај Македонците, најчести гости од странство се оние од Албанија и од Косово.
Многу е добро, ми се допаѓа многу.
360°: Прв пат доаѓате тука или?
Ова ми е втор пат.
360°: Вие сте од Албанија така?
Од Албанија, да.
360°: Дали имате места во Албанија за скијање кои се добри како Маврово?
Волку добри – не, но имаме. Но, јас го преферирам Маврово.
Еднакво задоволен од условите е и овој скијач од Косово, кој тука доаѓа четврти пат. Вели, иако во неговата земја го имаат ски-центарот Брезовица, патеките се она што ја прави разликата.
„Веројатно е исто, но Брезовица е многу помала, не е како овие долги ски-петеки. Но, добро е“,
ни одговори туристот од Косово.

Васко Арсовски е раководител на ски-центарот „Ресорт Маврово“. Вели, снегот кој започна да врне од минатата недела креирал одлични услови за зимски туризам, што пак е добар предзнак дека годинава ќе има плодна сезона.
„Оваа сезона започна одлично, морам да кажам, затоа што скијањето почна од петти декември официјално, претходно снегот беше тука на 30 ноември, но за да се спремат ски-терените беа потребни неколку дена, така што официјално започна на петти. Досега, 40 дена скијање и се надевам ќе биде добра сезона, бидејќи претходните две се години кои се изгубени и кои сакаме да ги заборавиме бидејќи немаше снег“,
вели Арсовски.

Ски-центарот Маврово функционира во истите услови веќе педесетина години и затоа Арсовски вели дека секој домашен гостин е запознаен со понудата која ја нуди овој центар, но вели и дека се обидуваат да го модернизираат теренот и условите за вистинските љубители.
„Оваа година имаме луѓе кои се од надвор и кои ги спремаат самите стази за скијање и најголем дел од реакциите се дека стазите се добро спремни. Се работи за луѓе кои имаат искуство надвор од државата и своето искуство тука го пренесуваат како што треба и се надевам дека луѓето се задоволни од самото скијање“,
кажа Арсовски.
За Маврово да направи чекор плус кон регионален скијачки центар, Арсовски вели дека ќе биде потребно дополнително вложување и инвестирање во повеќе сегменти – од хотелско сместување до подобрување на условите за скијање.

Но, треба да вложи и државата. Потребата од модернизација и соодветно одржување на патиштата е повеќе од очигледна бидејќи пред само две недели, недоволниот паркинг-простор, нецелосно исчистените патишта и несовесните возачи, го блокираа сообраќајот и оставија стотици граѓани во автомобил со часови.
Додека снегот ги носи туристите, останува предизвикот да се подигнат стандардите и условите за целосно искористување на потенцијалот на зимскиот бисер.