На прашањето дали до следната учебна година Министерството за образование ќе успее да ја заврши ревизијата на спорните учебници, министерот Арбер Адеми вели дека проблем е што на јавниот повик за формирање на рецензентска комисија за дел од учебниците, не се пријавил никој.
На прес-конференција Адеми зборуваше за предлозите за изменување на учебникот по социологија за втора година средно образование, кој беше мета на критики поради содржините во делот за родовата еднаквост.
„Ние досега сме имале пристап за ревидирање и осовременување на сите содржини во наставните програми и учебници и Педагошката служба има конкретен план за ревизија на учебниците, особено на оние кои се одобрени во период од 2001 до 2006 бидејќи навистина содржината е застарена. За учебникот за социологија во гимназија, ние досега сме преземале конкретни активности, тој е во планот за ревидирање, сме контактирале и со Бирото за развој на образование и со издавачката куќа и сме побарале измени и дополнувања во делот кој е спорен. Тие измени, тоа ревидирање е направено од нивна страна и е доставено кај нас. Ние сме имале јавен повик за формирање на рецензентска комисија за разгледување на тие предлози за ревидирање на тој учебник, но за жал никој не се пријавил“,
изјави Адеми.
Министерот рече дека вчера имале уште еден јавен повик за формирање на рецензентска комисија кој ќе трае до 1 јуни и апелираше сите што ги исполнуваат условите да аплицираат.
„Ова е законската постапка на која мораме да ја следиме и очекувам дека некој ќе се јави што ги исполнува условите според закон и ќе биде дел од рецензентската комисија каде што ќе се разгледува содржината на ревидираниот учебник по социологија, бидејќи и според мене како министер, навистина содржината била спорна и со право реагирале невладините организации и граѓаните“,
изјави Адеми.
