„Да поднесеш иницијатива за интерпелација и на крај да гласаат само тројца пратеници, покажува дека имаме поддршка внатре во ‘Европскиот фронт‘, па дури и внатре во Демократската унија за интеграција. И дека многу луѓе мислат како нас и имаат отворена врата да се приклучат кон ‘Вреди‘“, рече денеска од Гостивар првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање
Последните интерпелации се најлошите или најнеизгласаните во историјата на Собранието на С Македонија, рече денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, коментирајќи ги четирите неизгласани интерпелации за владините функционери во петокот во Собранието, кои претходно беа поднесени од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

„Да поднесеш иницијатива за интерпелација и на крај да гласаат само тројца пратеници, покажува дека имаме поддршка внатре во ‘Европскиот фронт‘, па дури и внатре во Демократската унија за интеграција. И дека многу луѓе мислат како нас и имаат отворена врата да се приклучат кон ‘Вреди‘“,
рече тој при неговата денешна посета на Гостивар.
Според него, тоа е порака дека и пратениците на ДУИ не размислуваат како лидерот на партијата.
Во однос на иницијативата за интерпелација на потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, Меџити рече дека пратениците од коалицијата „Вреди“ не биле присутни на гласањето на интерпелацијата за него, за што посочи дека е политичка порака.
За изгласаната интерпретација за претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади, Илире Даути од „Европскиот фронт“, вели дека можеби имаат забелешки за нејзината работа, но не поддржуваат поднесени иницијативи од Левица.
„Потврдувам дека Илире Даути беше претседателка на Комисијата и ќе остане нејзина претседателка. Можеби имаме многу забелешки за неа, но кога има иницијатива од Левица ние сме против. Затоа ќе ја поддржиме Даути“,
вели Меџити.
Со Собранието во петокот не поминаа четирите интерпелации за работата на членовите на Владата, односно интерпелациите за работата на министерот Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоиљковиќ, поднесени од пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.
Беше поддржана само интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, поднесена од Левица, со 61 глас „за“, 22 „против“ и без ниту еден „воздржан“. Со изјаснувањето на мнозинството пратеници кои ја поддржаа оваа интерпелација, Собранието констатира дека наводите во неа за работата на Даути се основани. На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ, а против гласаа и од „Вреди“.
Интерпелацијата за Даути во ноември минатата година ја поднесе пратеничката група од Левица поради „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“, односно дека го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.
Поврзани вести:
- Со 61 глас „за“ Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути што ја поднесе Левица
- И по интерпелацијата на Илире Даути со Комисијата за социјална политика повторно треба да претседава пратеник од „Европскиот фронт“
- Не помина интерпелацијата за Меџити – „за“ гласа само тројца пратеници, а „против“ се изјаснија 64
- И Тошковски и неговиот заменик останаа на „безбедно“ – не поминаа интерпелациите за владините функционери
- „Вреди“ за интерпелацијата за Меџити: ДУИ повеќе не ја контролира ниту својата пратеничка група
