Опозицијата ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за неспособност при справувањето со последиците од снежните врнежи, која, како што велат, прераснува во закана за безбедноста
Коловозот на автопатот „Пријателство“ кај селото Миравци, Гевгелиско, е заледен, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија. Поради тоа, како што додаваат од АМСМ, од 8:50 часот утринава тешките товарни возила се пренасочуваат преку стариот пат Удово – Демир Капија.

Освен во информативниот извештај на АМСМ, состојбата со подмрзнатиот коловоз на автопатот „Пријателство“ се најде и во партиското соопштение на опозицискиот СДСМ.
Оттаму ја обвинија владејачката ВМРО-ДПМНЕ за неспособност при справувањето со последиците од снежните врнежи, која, како што велат, прераснува во закана за безбедноста на граѓаните.
„Автопатот кон Грција е заледен и покрај тоа што оваа зима, само досега, државните институции потрошиле 219 милиони денари (3 569 106 евра) за сол и ризла. Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта ‘Македонија пат’, кое засега има склучено три двагодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно за сол и ризла. Но, поради неспособноста на надлежните, сообраќајот се одвива отежнато и се зголемува опасноста од незгоди“,
пишуваат од СДСМ во партиското соопштение.
Од опозициската партија потсетуваат и на случајот во Маврово од пред неколку дена, кога бројни возила беа заглавени во километарски колони.
„Хаос се случи и на патот Тетово – Попова Шапка, каде што патиштата останаа целосно неисчистени. Дополнително, патот до Галичник беше непрооден повеќе од еден месец, оставајќи ги жителите на ова населено место во целосна изолација“,
додаваат од партијата.
