Тој додаде дека полициските службеници треба да постапуваат внимателно, применувајќи ги одредбите за опомена, за да не се казнуваат граѓаните поради, како што рече, погрешните политики на претходната власт

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека голем број од личните документи на граѓаните се сменети со новото уставно име. За оние што не го направиле тоа, вели дека сега на пунктовите на МВР нема метеж, а постапките се одвиваат без поголеми проблеми.
Тој денеска побара од полицајците само да ги опоменуваат оние граѓани што досега ги немаат сменето возачките дозволи и личните карти.
„Упатувам апел полициските службеници да ги применат законските одредби коишто се однесуваат на опомена и на укажување на сите оние што, да речеме, во овој адаптибилен период сè уште ќе бидат затекнати со возачка дозвола која има важност во делот на рокот, но не е согласно одредбите од законот“,
рече Тошковски денеска при неговата посета на полициското одделение во Групчин, каде што се отвори нова канцеларија за управните служби.
Тој додаде дека полициските службеници треба да постапуваат внимателно, применувајќи ги одредбите за опомена, за да не се казнуваат граѓаните поради, како што рече, погрешните политики на претходната власт.
Тошковски потсети дека старите лични карти нема потреба да се менуваат доколку имаат рок на важење и оти со нив може да се премине и државната граница.
„Врз основа на важечка лична карта апсолутно дека може да се излезе од територија на Македонија во рамки на оние држави со кои имаме склучено билатерални договори за да можат да излезат и да влезат со важечка лична карта. Предметна лична карта којашто е важечка моментално може да стане неупотреблива само доколку тоа го констатира државата согласно закон или други акт. Таков акт во Македонија нема моментално. Сите лични карти кои се важечки во рамки на рокот кој е издаден ќе можат да бидат употребувани со сите држави со кои имаме договор“,
рече Тошковски.
