Во пожарите што од вторникот беснеат во сојузната држава Калифорнија досега се уништени околу 1 500 објекти, а без своите домови останаа и повеќе познати личности од филмската индустрија
Билансот на загинати во пожарите кои од вторникот беснеат во округот на Лос Анџелес се искачи на најмалку пет лица, а огнената стихија и понатаму се шири и зафаќа површина од десетици илјади хектари, јавуваат светските медиуми.

Во моментов надлежните се борат со шест пожари, од кои најновиот, избувнат во Холивуд Хилс, е на само неколку стотина метри од познатата Холивудска патека на славните, што иницираше нова наредба за евакуција на засегнатите жители.
Најголемите и најразорните пожари што ги зафатија Калифорнија и градот Лос Анџелес се во луксузната област Пацифик Палисејдс, каде, според „Гардијан“, гори површина од 15 832 хектари, како и областа Итон, во која се зафатени 10 600 хектари.
Ширењето на пожарите во Харст и Холивуд Хилс предизвикува загриженост кај жители на Лос Анџелес, каде што е издадена наредба за евакуација на речиси 100 000 луѓе, бројка што постојано се менува. Дополнително, шумски пожар има и во областа Вентура.
Во пожарите што од вторникот беснеат во сојузната држава Калифорнија досега се уништени околу 1 500 објекти.
Поради ситуацијата сите училишта во училишната област во Лос Анџелес од денеска ќе бидат затворени.
Началникот на пожарната служба во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, рече дека неговите тимови се ужаснати од обемот и брзината на катастрофите што се случуваат.
„Правиме сѐ што можеме. Но, немаме доволно пожарникарски персонал во округот ЛА за да се справи со ова“,
изјавил тој.
Шерифот на округот Лос Анџелес ,Роберт Луна, рече дека се знае оти загинале пет лица, но се стравува дека има повеќе смртни случаи.
Шефот на противпожарната служба во Пасадена, Чад Аугустин, изјави дека до 500 згради се изгубени во пожарот.

Од доцна синоќа активен е пожар во кањонот Ранион во срцето на Холивуд, блиску до историските места како што се кинескиот театар „Грауман“, „Патеката на славните“ и театарот „Ел Капитан“.
Американскиот претседател Џо Бајден го откажа патувањето во Италија оваа недела за да се фокусира на федералниот одговор на пожарите.
„Правиме сѐ и онолку долго колку што е потребно за да ги ограничиме овие пожари“,
изјави Бајден.
Американскиот претседател, како што пренесува „Гардијан“, и официјално ја потпиша федералната декларација за катастрофи, што овозможува федерални средства да бидат ставени на располагање за привремено сместување и поправка на домовите на засегнатите жители на Лос Анџелес, како и заеми со ниски камати за имотите кои не се осигурани.
Меѓу жителите на Лос Анџелес што останаа без своите домови се повеќе славни личности од филмската индустрија меѓу кои и Били Кристал, Менди Мур, Кери Елвис и Парис Хилтон.
Во меѓувреме, пожарникари од западните држави на Соединетите Американски Држави се на пат за Калифорнија, за да помогнат во борбата против огнетите стихии. Станува збор за 60 единици од Орегон, 45 од Вашингтон, 10 од Ново Мексико, 15 од Јута и уште неколку од сојузната држава Аризона.

