Отказот му е пратен по пошта и електронски на службениот мејл
Артан Груби доби отказ од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово, каде што ја извршуваше функцијата доцент на отсекот по новинарство.

Деканот на Правниот факултет, Сафет Емурли, во изјава за МИА информира дека до Груби е доставено отказното решение, кое беше иницирано поради негово неоправдано отсуство од работното место.
„Завршена е постапката со отказ на споменатото лице. Значи, веќе не е во работен однос во Тетовскиот Универзитет. Отказот му е пратен по пошта и електронски на службениот мејл“,
изјави Емурли за МИА.
Дека се подготвува отказно решение за Артан Груби вчера првично објави ТВ Алсат.
Во изјава за телевизијата, деканот на Правниот факултет, Сафет Емрули, изјавил дека поради вршење јавна функција до август годинава, кога се вратил на работа, Груби го суспендирал работното место, но неколкудневното отсуство од работа без појаснување значи дека ќе бидат преземени законски мерки против него.
Според членот 82 од Законот за работни односи, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на вработениот без отказен рок во неколку случаи, меѓу кои и неоправдано изостанување од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година.
