На критичниот ден ја принудил да ги остави другарите и да влезе во неговиот автомобил. Потоа ѝ го одзел мобилниот телефон, ја натерал на однос против нејзината волја и ѝ се заканувал да не кажува никому, велат од Обвинителството
Гостиварец на возраст од 22 години е осомничен дека на 2 јануари годинава принудил на сексуален однос 13-годишно девојче, информираат од Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство Гостивар (ОЈО Гостивар) повело истрага поради основано сомнение за извршено кривично дело – силување на дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик.

„Со жртвата се запознале преку апликацијата Снепчет и започнале да контактираат и да се гледаат. Кога девојчето не сакало повеќе да излегува со него, осомничениот вршел притисок и на критичниот ден ја принудил да ги остави другарите и да влезе во неговиот автомобил. Потоа ѝ го одзел мобилниот телефон, ја натерал на однос против нејзината волја и ѝ се заканувал да не кажува никому“,
се вели во соопштението од Обвинителството
Јавниот обвинител до Судот во Гостивар поднел предлог за определување мерка притвор за осомничениот, со образложение дека може да избега, но и да влијае на детето жртва или други сведоци или да го повтори делото.
