Извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан се одлагаат за септември
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, потврди пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан се одлагаат за септември, но не и преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, јави МИА од Брисел.
Вархеји нагласи дека фокусот на Европската комисија е пред сѐ свртен кон Скопје и Тирана.
„Работиме деноноќно со ковид-19 и со оглед на тоа дека е тешко да се предвиди каква ќе биде економската состојба, исто е тешко да се види како ќе се испорачаат реформите, затоа што, се разбира, ковид-19 ја кочи работата. Сакаме да излеземе со суштински извештај, добар извештај кој ќе даде проценка за напредокот. Мојот фокус сега е повеќе на преговарачките рамки за двете земји, Северна Македонија и Албанија. И тоа што можам да го кажам е дека тие ќе бидат објавени во јуни. И мислам дека ова е клучен дел за да го задржиме моментот што се создаде“,
изјави Вархеји пред европратениците.
Во однос на преговарачките рамки, тој посочи дека тие ќе бидат придружени со проценка за реформскиот напредок.
