Четиригодишното дете што излетало од автомобилот пред тој да падне во реката во моментов е на Клиниката за детска хирургија и е во стабилна состојба
Автомобилот што попладнево излета од патот кај скопско Рашче и падна во Вардар вечерва е извлечен, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од возилото се извлечени и тела на три женски лица.
„Потрагата по четвртото машко лице кое најверојатно од возилото излетало во водите на Вардар продолжува“,
додаваат од ЦУК.
Во автомобилот се наоѓало и 4-годишно дете кое излетало од возилото пред тоа да падне во реката.
Од МВР соопштија дека детето било пронајдено од случајни минувачи кои го однеле на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а оттаму е пренесено во Клиничкиот центар.
Во изјава за ТВ Сител од Клиниката за детска хирургија информираат дека детето е во стабилна состојба, но поради начинот на кој настанале повредите тоа е задржано на опсервација.