И покрај сите порази и падови во изминатата година, како што порача претседателката, има безброј причини и мотиви да не се откажуваме и да чекориме напред кон подобро – за самите нас, за децата и за општото добро
Како нација имаме право да го покажеме пред светот нашето вистинско лице, да ја кажеме нашата долговековна приказна, да веруваме во нашиот македонски сон. Вака гласи дел од новогодишното видеообраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во кое таа им ја честита Новата 2025 година на граѓаните.

И покрај сите порази и падови во изминатата година, како што порача претседателката, има безброј причини и мотиви да не се откажуваме и да чекориме напред кон подобро – за самите нас, за децата и за општото добро.
„Мудриот рекол една гранка лесно се крши, но кога десет гранки ќе се сплотат, тоа е невозможно. Живеејќи во свет на искривени вредности, да испратиме пораки дека заедно сме посилни и посреќни. Да им подадеме рака и на немоќните, на лицата коишто живеат на маргините, потребни сме им, но и тие нам. Да изградиме општество во кое секој ќе има шанса за пристоен и достоинствен живот, ранливите – поддршка, а младите – инспирација, мотив и иднина. Имаме насушна потреба од еколошка правда и договор со природата, но не како наметната обврска, туку како предуслов за извесна иднина“,
порача Сиљановска-Давкова во честитката.
Истакна дека како човек и како претседателка верува дека вреди борбата за правото, правдата и моралот.
„Држејќи се до овие начела, малите земји имаат шанса да ги пребродат големите бури во меѓународните води“,
додаде таа.
Со желба за надеж, оптимизам, нови можности, успеси и стабилност во 2025 година, Сиљановска-Давкова порача дека како добри домаќини треба да го чуваме нашиот заеднички дом со живот во мир и хармонија.