„Заедно, ќе ги надминеме сите предизвици и ќе изградиме иднина што ги почитува жртвите на нашите предци и ги исполнува аспирациите на генерациите што доаѓаат“, се вели во соопштението на ДУИ, со кое од партијата воедно ја честитаат и Новата 2025 година
За опозициската Демократската унија на интеграција (ДУИ) настаните кои ја одбележале 2024 година се, како што веларт, историскиот избор на првиот премиер Албанец во Република Северна Македонија, но и заканите по идентитетот на Албанците во земјава, кои дошле на крајот од годината.

Водењето на техничката влада од страна на Талат Џафери во 100-те дена пред парламентерните избори, според ДУИ, претставува не само политичка, туку и победа на каузата дека Албанците се рамноправни членови на државата која е наша заедничка татковина.
„За првпат, Албанците ја почувствуваа ветената визија за вистинска мултиетничка демократија, каде што правата и еднаквите можности не се само идеали, туку реалност“,
се вели во соопштението на ДУИ, со кое од партијата воедно ја честитаат и Новата 2025 година.
Сепак, она што започнало како чекор напред, се претворило во година на пречки за Албанците, доведувајќи до загрижувачки, целосен пресврт.
Политичкиот пејзаж, велат од партијата, бил трансформиран од нелегитимна коалиција што го исклучила вистинското албанско претставување, сведувајќи го гласот на Албанциет во Владата „на неколку избрани пријатели на премиерот“.
„Правото на самоидентификација беше нападнато и оспорено од Уставниот суд, предизвикувајќи едно од основните човекови права на нашиот народ. Албанскиот јазик, темелот на нашиот идентитет, беше омаловажен. Европскиот сон се оневозможи. Механизмите за правична застапеност, зацртани од Рамковниот договор, беа демонтирани. Албанското знаме, нашиот симбол на гордост, беше понижено, додека актите на потценување беа славени. Нашата национална азбука, која ги обединува сите Албанци, беше забранета, нанесувајќи удар во срцето на нашиот идентитет и национално образование. Ова е реалноста на 2024 година, година што започна со надеж и заврши со намерни обиди да се поништи напредокот што Албанците со децении се бореа да го постигнат“,
велат од ДУИ.
Сепак, како што додаваат оттаму, тие остануваат непоколебливи пред овие предизвици и порачуваат дека ниту еден напад врз идентитетот, јазикот или правата не може да го замати духот на албанскиот народ.
Овие пречки, велат од ДУИ, само ја засилуваат нивната решеност да се борат за еднаквост, правда и напредок, бидејќи, како што наведуваат, тие се чуварите на „нашето наследство и архитекти на нашата иднина“.
„Додека и кажуваме збогум на оваа бурна година, гледаме напред кон 2025 година со нова решителност. ДУИ останува посветена на заштитата на правата на Албанците, на унапредување на мултиетничката демократија и на неуморно работење за секое дете во Северна Македонија да порасне во општество каде што неговите соништа не се ограничени од етничката припадност. Нека новата година биде година на надеж, единство и успех за секое семејство. Заедно, ќе ги надминеме сите предизвици и ќе изградиме иднина што ги почитува жртвите на нашите предци и ги исполнува аспирациите на генерациите што доаѓаат“,
велат од ДУИ.