Опозицискиот СДСМ обвини дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дозволил да избега поранешниот вицепремиер Артан Груби и додава дека сега цели 20 дена не знае каде е Груби

„Јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја префрлат вината за бегството на Артан Груби врз СДСМ“, реагираат од опозициската партија.
Според СДСМ, фактите за бегството на поранешниот прв вицепремир Артан Груби се јасни. За бегството го обвинуваат министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Тошковски дозволи Груби да избега и сега цели 20 дена истиот тој Тошковски не знае каде се наоѓа Губи. Откако ‘случајно’ не работеле камерите, ‘случајно’ полицајците не знаеле кого треба да проверуваат и ‘случајно’ службеникот на границата, инаку кадар на Тошковски, направил ‘грешка’ затоа што бил ‘возбуден’ од Груби. Џабе се препелка сега ДПМНЕ, тие го пуштија Груби да избега и целата одговорност е кај власта“,
обвинуваат од СДСМ.
Од партијата сметаат дека границата со Косово станала канал за бегање на криминалци и дополнуваат – „Блерим Рамадани избега, Гаши безбедно се шеташе, а сега мистериозно исчезна и Груби. Јавноста има право да знае кој е политичкиот договор и која е цената за овој скандал“.
