На протестот беа упатени четири барања до надлежните и беше потенцирано дека иако барања до институциите беа упатени и на претходниот протест пред три недели, одговор се уште нема

„Сакаме чист воздух“, „воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „од смогот не се гледа иднината“. Со вакви пароли скопјани излегоа по втор пат на протестен марш против загадувањето на воздухот.
Маршот почна пред Министерството за животна средина, помина покрај Собранието и Владата, а заврши пред бараките на Град Скопје.
Иницијативата е на „Зелен хуман град“ од каде упатија четири барања за борба против аерозагадувањето во Скопје.
„Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот“,
изјави Борјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Организаторите на протестот рекоа дека поминале две недели откако ги доставиле барањата по одржувањето на првиот протест, но одговор од институциите нема.
„На кого му служат? Без чист воздух нема здравје! Без здравје нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките“,
велат тие.