„Процесот е непредвидлив. Ние баравме гаранции. Треба Владата да продолжи да бара гаранции. Спремни сме тука да им помогнеме со предлози, со идеи, со заедничко работење, за да го обезбедиме тој пат. Мислам дека ЕУ е нешто што не треба да нѐ одвојува партиски и политички“, вели поранешниот шеф на дипломатијата во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, вели дека нема забелешки на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за пристапниот процес кон ЕУ, бидејќи освоија мандат на реториката дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат.
„Лично јас немам замерка на овие ставови на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие добија мандат на таа тема. Дури беа и поостри кон прашањето отколку што тоа го прават сега. Излегоа на избори и рекоа нашиот став е овој, ако треба и да се блокира ЕУ. Граѓаните Македонци дадоа поддршка. Проблемот е со ’Вреди’, коишто, еве денеска е шест месеци од формирање на владата, прво потпишаа дека нема да влезат во влада каде што не е обезбеден прогресот во Европската Унија и второ дека ќе го преиспитаат нивното учество ако во рок од шест месеци не се обезбеди продолжување“,
рече Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Прашан дали се согласува со тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара уставни измени со одложено дејство, Османи коментира дека процесот е непревидлив и дека добро е постојано да се бара сигурност.
„Процесот е непредвидлив. Ние баравме гаранции. Треба Владата да продолжи да бара гаранции. Спремни сме тука да им помогнеме со предлози, со идеи, со заедничко работење, за да го обезбедиме тој пат. Мислам дека ЕУ е нешто што не треба да нѐ одвојува партиски и политички“,
рече поранешниот шеф на дипломатијата.
На забелешката дека реториката на Османи како министер беше оти т.н. „француски предлог“ ги обезбедува сите гаранции, високиот функционер на ДУИ вели – тоа се однесува на Преговарачката рамка.
„Јас сум кажал, Преговарачката рамка не може да се менува. Не треба да се менува, бидејќи е добра преговарачка рамка. Согласно можностите коишто ги имаме за да обезбедиме некоја поволна позиција таму каде што може да се влијае во заклучоците на Советот. Таквите гаранции не се бараат само во изјави. Се бараат во заклучоци на Советот. И тука Владата има легитимно право да работи со земјите членки за да се обезбедат заклучоци во коишто колку-толку ќе се даде една предвидливост. Бидејќи не можете поинаку да го гарантирате процесот затоа што е таков, едноставно може да го злоупотребат кога сакаат на било која тема“,
рече Бујар Османи.

Тој повтори дека претходната власт се трудела билатерални прашања да не влезат во бенчмарковите од суштинскиот дел на Преговарачката рамка. И ги нема, вели Османи, освен Акцискиот план за малцинства.
Прашан зошто Акцискиот план за малцински прашања прво го пратил на консултации во Софија, а не во Брисел, Берлин и Париз, Османи одговори:
„Не, не е пратен никогаш официјално во Софија. Да, консултирани се повеќе земји членки, но ние никогаш не сме пратиле официјална верзија на Акциски план. Ние не можеме да се изложиме пред 27 земји членки без да знаеме кои се ставовите на секоја земја поединечно. Значи, во последниот месец мене ме прашуваа дипломатите дали да го пуштиме официјално драфтот, јас реков – не. Ќе дојде нова влада, тие си имаат мандат, они ќе одлучат дали воопшто ќе го предадат“.
Сепак, тој не ја отфрла можноста Акцискиот план да стигнал во Софија преку дипломатите во Брисел.