Демократската унија за интеграција го обвини раководството на Клиниката за детски болести во Скопје и коалицијата „Вреди“, дека организирале предновогодишни прослави финансирани од буџетски средства. Сето тоа, според опозициската партија, се случувало во период на неколку смртни случаи на деца и извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), каде еден од заклучоците беше дека на клиниката не секогаш има специјалист во дежурната амбуланта.
„Ова е тежок удар за семејствата кои ги загубија своите деца и за граѓаните кои очекуваат чувствителност и одговорност од здравствените институции.
Време е за оставки, за сериозни истраги и за враќање на одговорноста во нашиот здравствен систем.
ДУИ нема да молчи пред оваа криза, која ја извади на виделина моралната и институционалната деградација на актуелната власт.
Додека тие си го честитаат крајот на годината еден со друг, родителите се молат нивните деца да не се разболат и да не паднат во нивни раце“,
Од ДУИ, обвинуваат и дека министерот за здравство, Арбен Таравари, наместо да ја решава кризата, се впушта во партиски маневри – која партија ќе доминира во „Вреди“.
Прес-конференцијата на ДУИ за Клиниката за детски болести доаѓа еден ден откако и СДСМ побара оставка од министерот за здравстви и директорот на клиниката. Социјалдемократите извадија и статистика, дека во последниве шест месеци починале 20 деца.
Им возврати ВМРО-ДПМНЕ, дека нивниот лидер Венко Филипче бил најлошиот министер за здравство во историјата на земјата.
На прозивките, вчера реагираше и директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди. Кажа дека во клиниката 24 часа има специјалисти. Но дека, за жал, општо е познато дека не секогаш успеваат да ги спасат животите на сите деца. Тој смета дека работата на Детската клиника ќе се подобри со вработување на дополнителен број на доктори, кои сега недостасуваат.
ДСЗИ направи инспекциски надзор, по смртта на седуммесечно бебе. Некои од главните наодите беа дека во амбулантите на клиниката не секогаш има присутен специјалист и дека медицинската документација во установата се креира од доктори што не се присутни на работа.
ДСЗИ дадоа предлог до Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на починатото седуммесечно бебе.
Мемеди, вчера, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека сè уште не го добил извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Но, уверуваше дека на Клиниката има специјалисти кои 24 часа се грижат за сите пациенти. За специјализантите рече дека се дел од тимовите на Клиниката и дека треба да се покаже почит кон нив, бидејќи станува збор за дипломирани лекари.