Министерот за економија, во интервју за „Радио Слободна Европа“ на македонски јазик, вели дека акциите ќе продолжат и кога ќе профункционира Законот за нефер трговски практики
За разликите во ставовите со министерката за финансии, вели дека секој има право на сопствено мислење
Министерот за економија Бесар Дурмиши најавува дека Владата ќе продолжи со т.н. потрошувачки кошнички и за време на други празници, како Велигден и Рамазан. Тоа значи дека со интервенција од извршната власт ќе продолжи привременото ограничување на маржата на одредени групи производи.
Какво фајде имаат граѓаните од тоа? Според одговорот на министерот во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, околу 1 300 денари заштеда по семејство.
„Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде што ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи производи, таа мерка ги даде своите резултати. Цените беа намалени, заштедата за едно четиричлено семејство за еден месец доаѓаше околу 1 300 денари. Тоа го покажаа и синдикатите со својата синдикална кошница каде што само во тој временски период кога беше во сила таа мерка, трошоците за храна и пијалаци кај семејствата беа намалени за 965 денари. Значи, ако ја земеме предвид таа мерка која имаше 73 групи производи, нормално дека оваа мерка која поминува над 1 000 производи, дадени од 95 компании, ќе има големи резултати“,
вели Бесар Дурмиши за „Радио Слободна Европа“.
Дурмиши вели дека потрошувачките кошнички ќе продолжат, независно што во сила веќе стапи Законот за нефер трговски практики, кој ќе го ограничи рабатот. Тој закон, во моментов, е во преодна фаза. Стапен е во сила, но државата не казнува туку само изрекува опомени.
„Според овој закон, рабатот и другите дополнителни трошоци треба да се ограничат на 10 проценти. Порано беше до 20 и до 35% каде што индиректно влијаеше врз покачување на цените на малопродажните производи. Сега, кога ќе се приспособуваат фактурите меѓу производителите и трговците, кога се ограничи на 10% проценти рабат и дополнителните трошоци, ќе се влијае на намалување на малопродажните цени на производите.
Овие акции (потрошувачка кошница) се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис-комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн“
вели Дурмиши.
Во интервјуто, Дурмиши зборува и дека се размислува за одредени дејности да се укине неделата како неработен ден. Понатаму, го повторува ставот на Владата дека нема да се зголемува старосната граница за пензионирање, туку дека Фондот за пензиско осигурување ќе се полни со повеќе вработени. Сите детали од интервјуто на следниот ЛИНК.