Одлуката следува откако на 18 ноември 14-годишен ученик во училиштето „Фан Ноли“ беше избоден од негов врсник во центарот на Тирана, а фотографии поврзани со напаѓачот и злосторството кружеа на оваа и на платформата Снапчат
Властите во соседна Албанија одлучија да го блокираат пристапот на социјалната платформа на една година, јавуваат регионалните медиуми.
Одлуката доаѓа околу еден месец по убиството на 14-годишен ученик во Тирана, а неа денеска ја соопшти албанската министерка за образование Огерта Манастирлуи, на завршниот состанок од националните консултации со наставниците и родителите за мерките против Тик-ток и безбедноста на децата.
„Со цел да ја зголемиме физичката и дигиталната безбедност во училиштата и влијанието што го носат социјалните медиуми и детскиот ангажман, решивме да го блокираме Тик-ток“,
рекла таа, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Министерката додала дека одлуката е донесена врз основа на пакетот мерки на кои работела Националната управа за кибербезбедност и Националната агенција за информатичко општество.
Во врска со одлуката се огласи и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој информирајќи за неа кажа дека платформата во земјата ќе биде блокирана на една година, а за спроведување на мерката ќе бидат потребни околу шест до осум недели.
„Во Република Албанија веќе нема да има Тик-ток. Потоа во текот на оваа година ќе видиме какви мерки ќе преземат другите земји или како може да реагира самиот Тик-ток. Тоа е наша должност“,
рече Рама, пренесува МИА.
Одлуката следува откако на 18 ноември деветгодишен ученик во училиштето „Фан Ноли“ беше избоден од негов врсник во центарот на Тирана.
По неговото убиство, на социјалната платформа Тик-ток кружеа видеа од малолетници кои го признаваат убиството.
Исто така, по убиството беше објавена фотографија од напаѓачот, кој е уапсен, а на која се гледа како високо ја крева раката со раната што ја добил на неа.
Фотографијата тој ја испратил и на група пријатели на социјалната мрежа Снапчат (Snapchat), а неколку дена пред убиството на својот врсник, на истата социјална мрежа објавил уште една фотографија со нож в рака.
Неколку дена по убиството, владата на Албанија на јавна расправа изнесе два предлога за справување со влијанието на социјалните мрежи Тик-ток и Снапчат врз децата.
Албанија е прва земја во регионот која го блокира Тик-ток. Станува збор за платформа за кратки видеа чиј сопственик е кинеската компанија „Бајт денс“.