Станува збор за законски измени кои предвидуваа мерки за правните и физичките лица што ќе се најдат на т.н. „црна листа“ на САД. На пример, да се забрани кандидирање за јавна функција за лица на „црната листа“ и да се забранат аранжмани со државата за фирмите кои се под санкции на САД
Демократската унија за интеграција повторно побара да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки, со што земјата ќе преземе обврска да ги санкционира физичките и правните лица што ќе се под санкции на САД. Според опозициската партија, измените кои се усвоени на Влада се неопходен чекор за воспоставување еднаква правда и почитување на меѓународните стандарди.

„ДУИ презеде јасни чекори за да ги поддржи санкциите на САД и даде силна подршка на Стратешки дијалог со САД, што е клучен момент за зајакнување на владеењето на правото и усогласување со меѓународните стандарди.
За жал, владата без етнички легитимитет на ВМРО-ДПМНЕ го блокира овој закон намерно, покажувајќи дека служат на олигарсите и тесните лични интереси, наместо да работат за доброто на граѓаните“,
соопштија од ДУИ.
Законските измени кои ги бара ДУИ предвидуваат ограничување на економските и политичките активности на санкционираните лица. На пример, забрана за кандидирање на јавна функција за физичките лица или забрана за аранжмани со државата, за правните лица.
Законот беше усвоен на Влада во февруари 2024 година, но не помина во Собранието. Летово дојде до промена на власта, а минатата недела на „црната листа“ се најде еден од највисоките функционери на ДУИ, Артан Груби. И покрај тоа, од партијата велат дека принципелно остануваат зад измените на законот.
„Ниедна политичка партија не може да биде колективно одговорна за дејствија на поединци, но сите ние носиме заедничка одговорност за политиките што ги усвојуваме и за зајакнувањето на владеењето на правото.
Затоа, ДУИ јавно ја предизвикува ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери да го вратат Законот за рестриктивни мерки на дневен ред и да го усвојат без одложување“,
соопштија од ДУИ.
Меѓу лицата кои во последниве години беа додадени на „црната листа“ на САД се бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, бизнисменот Јордан Камчев, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, градоначалникот на Струга и функционер на ДУИ, Рамиз Мерко.
