Според вицепремиерот, поранешниот владин и функционер на ДУИ го напуштил Косово
Артан Груби избега од Северна Македонија набргу откако беше ставен на американската „црна листа“, што, пак, коинцидираше со засилена активност на домашните институции во барем еден предмет поврзан со него
Артан Груби веќе не е на Косово, туку е во Албанија, тврди вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити. Владиниот функционер дал ваква изјава на гостување на албанската телевизија Ора њуз, пренесе МИА.
Меџити, кој како припадник на коалицијата „Вреди“ е политички ривал на коалицијата „Европски фронт“, на која припаѓаше Артан Груби, на настапот кажал и дека неговите опонентни ја пополнуваат американската „црна листа“.
„Со самото бегство ја докажува вината. Тој самиот знае за правните прекршоци што ги направил, но мислам дека денеска, утре или задутре сепак ќе се соочи со правдата“,
кажал Меџити.
Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.
За Груби и Бајрами се објавени меѓународни потерници.
- МВР распиша меѓународна потерница по Артан Груби и Перпарим Бајрами
- СДСМ: Еден од полицајците што го има пропуштено Груби на „Блаце“ е личен избор на Тошковски
- Тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, само потврдува дека е виновен, вели Мицкоски за бегството на Груби
- Адвокатот на Груби вели дека според одбраната нема основи на сомневање за сторено кривично дело
МВР вчера поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и против полицискиот службеник со иницијали Б. Ј., кој всушност го дозволил излезот на поранешниот вицепремиер Артан Груби на граничниот премин „Блаце“ кон Косово.
„Дозволил излез на патничко возило џип ‘мерцедес’ со конзуларни регистарски ознаки, управувано од А. П. од Скопје, а сопатник бил А. Г. од Скопје, за кого постоела активна мерка ‘задржи и веднаш извести’, согласно распишана телеграма од Одделот за криминалистичка полиција при МВР. Со ваквото дејствие, полицискиот службеник Б. Ј. му овозможил на А. Г. да оствари излез од државата и покрај внесената мерка ‘задржи и веднаш извести’, а исто така, со дејствието нанел штета на угледот на МВР“,
соопштија од МВР.
Полицискиот службеник Б. Ј. не извршил адекватни проверки за „мерцедесот“ при премин на државната граница, не го евидентирал за остварување излез и патниците од возилото ги завел дека пеш ја поминале границата.
Исто така, при граничната проверка не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.
Истрагата против Груби се интензивираше откако тој беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД. Беше ставен заедно со судијата Енвер Беџети, како што се вели во одлуката на Вашингтон, поради нивна вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков