Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ вели дека според мислењето на Државната изборна комисија за организирање фер изборен процес се потребни од 35 до 55 дена, посочувајќи дека на мислењето се потпишале сите членови на Комисијата.
„На првата лидерска средба минатиот вторник како заклучок беше да се побара од Државната изборна единица да се произнесе во однос на тоа што се треба ДИК да произнесе. ДИК, меѓу другите работи, наведува кои изборни дејствија со рокови треба да се преземат бидејќи за дел од дејствијата е пропишано од 1 до 3 дена, рок од 5 дена, рок од 15 дена. Значи, минималниот рок во кој може да се организираат избори по утврдувањето на датумот е 35 дена, а максималниот 55 дена. И ова не е мислење само на претседателот на ДИК, ова е всушност мислење на сите членови на ДИК. И изминатите денови на медиумите видовме како дел од нив го потврдуваат истото“,
вели Јанушев и цитира дел од изјавите: „Ви укажуваме дека согласно погоре изнесеното е невозможно да се организира гласањето во изминатиот рок од 22 дена“.
За нивниот предлог на вчерашната лидерска средба за датумот за избори, генералниот секретар на опозициската партија вели дека се базира на препораките на СЗО, дека вториот врв на пандемијата од коронавирусот се очекува да се случи на почетокот на зимата.
„Предложивме три датуми – крајот на август или првата недела од септември. Исто така видовме во јавноста дека мислењата на светските експерти, а и препораките на Светската здравствена организација се дека вториот пик е со доаѓањето на зимата и дека овој период до тогаш треба да се искористи. Сметаме дека ризикот по здравјето и животот на граѓаните во периодот на август односно септември ќе биде најмал и меѓу другото што го кажавме на лидерската средба е дека ситуацијата ќе ја набљудуваме, ќе ги следиме сите работи како ќе се движат“,
посочи Јанушев.
Според Јанушев, неодговорно и несериозно е Заев да бара одржување на избори во јуни бидејќи со тоа го ризикува здравјето на граѓаните само за да ублажи изборен пораз.
„Дали треба да ги ризикуваме сите во државата со кои ќе стапиме во контакт за време на кампањата? Зошто? Заради тоа што Заев проценил дека во јуни ќе изгуби со помала разлика отколку што ќе изгуби во август или септември. Тоа е целосно неодговорно и несериозно“,
изјави Јанушев.
