Демократскиот сојуз во соопштение до јавноста предлага укинување на рестриктивните мерки за ковид-19, како полицискиот час и нормализирање на работата на здравствениот сектор, економијата, спортот и културата.
Оттаму посочуваат дека долготрајните рестриктивни мерки со кои се ограничува движењето го нарушуваат физичкото и менталното здравје на граѓаните и го намалуваат имунитетот.
„Прво, да се укине полицискиот час, со што ќе им се овозможи на граѓаните да го нормализираат животот, пред сѐ поврзан со извршување на секојдневните фамилијарни и работни обврски. Второ, да се нормализира работата на здравствените установи, посебно од терцијарната заштита (клиники, институти и сл.), затоа што десетици илјади хронично болни се без соодветна здравствена заштита. Трето, да се нормализираат спортските и културите активности согласно протоколите за социјална дистанца и другите заштитни мерки. Четврто, да се нормализира работата на хотелите, рестораните, кафетериите и другите угостителски објекти, согласно препораките на здравствените власти“,
се вели во соопштението.
Демократскиот сојуз и натаму ги повикува граѓаните за целосно почитување на мерките на Владата за заштита на здравјето на граѓаните и спречување на ширење на пандемијата, но апелира до здравствените власти, „мерките што ги предлагаат да бидат растоварени од какво било политичко влијание, туку да бидат донесени само врз основа на реални факти и податоци и експертски анализи и проценки“.
