Скопје утрово е на 9. место на листата на оваа платформа за мерење на квалитетот на воздухот, со индекс на загаденост во Скопје од 165
Главниот град на земјава, Скопје, утрово е најзагаден град во Европа, покажуваат податоците на специјализираната страница за мерење на квалитетот на воздух „Ај-кју ер“.
Скопје утрово е на 9. место на листата на „Ај-кју ер“, со индекс на загаденост од 165.
Прв на листата на најзагадени градови во светот е Делхи во Индија, а по него се Лахор во пакистан, Акра во Гана, Багдат во Ирак, Кабул во Авганистам, Вухан и Ченгду во Кина, Дака во Бангладеш, а на деветто место е Скопје.
Во регионот, според „Ај-кју ер“, Приштина е на 19. место, Белград на 25. место, Софија на 44. место, а Атина на 61. место.
Пред десетина дена во организација на Иницијативата „Зелен хуман град“ во главниот град се одржа протестен марш против аерозагадувањето.
Од Иницијативата бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните.
Директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференцијата во Скопје за квалитетот на воздухот одржана пред два дена рече дека загадениот воздух годишно убива околу 2 800 граѓани на земјава, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.
И покрај напредокот од 1990-тите години, загадувањето на воздухот во земјава е сè уште високо, рече тој и нагласи дека здравиот воздух е од клучно значење за одржливиот развој.