Од ИЈЗ излегоа со препораки до скопјани како да го поминат периодот кога ќе има прекин во водоснабдувањето, но совети упатуваат и до здравствените установи и до рестораните и кафулињата
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) издаде препораки до жителите на Скопје што треба да ги следат од утре вечер од кога е најавен прекин во водоснабдувањето.
Од ИЈЗ велат дека скопјани треба да складираат доволно вода во чисти садови, а која ќе може да се користи за пиење, готвење и хигиена. Покрај оваа вода потребно е да се складира и за санитарни потреби која може да биде наполнета во канти, кофи или големи садови.
Исто така, од ИЈЗ советуваат да се набави и флаширана вода.
Складираната вода, додаваат од ИЈЗ, треба да се штеди и за да се користи само за основни потреби како пиење, готвење и лична хигиена, а активностите како перење на алишта, чистење на автомобили и слично треба да се одложат.
Во однос на хигиената, советот од ИЈЗ е да се користи средство за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, за лична хигиена да се користат влажни марамчиња, додека во мијалниците и тоалетите да се користи вода од резервите или алтернативи како санитарни раствори.
Во периодот додека има прекин во водоснабдувањето, од ИЈЗ советуваат да се готват оброци што не бараат многу вода за подготовка и миење, а за сервирање да се користат чинии и прибор за јадење што се за една употреба и на тој начин да се избегне миење.
Совет што го даваат од ИЈЗ е и ако се користи вода од неконвенционални извори како бунар, таа секогаш да се преврива пред употреба.
Од ИЈЗ советуваат во овој период да се води грижа и за ранливи категории односно лицата што во својата близина имаат бебиња, стари лица или лица со здравствени проблеми треба да бидат сигурни оти имаат доволно резерви на вода.
Освен за граѓаните, од ИЈЗ даваат препораки и за здравствените установи.
И тука се препорачува болниците и клиниките да обезбедат доволно вода за основните потреби на пациентите и персоналот, но и да набават дополнителни резерви на флаширана вода.
На медицинскиот персонал му се препорачува да го адаптира распоредот на процедури кои бараат вода и да ги одложат некритичните процедури.
„Користете стерилни влажни марамчиња за чистење на раце и опрема, информирајте ги пациентите за недостапноста на вода и препораките за лична хигиена и осигурајте се дека пациентите добиваат доволно течности. Користете средство за дезинфекција за раце и за чистење на површини. Осигурајте се дека тоалетите се одржуваат чисти со минимална употреба на вода“,
се наведува во препораките од ИЈЗ.
Трети на листата што добиваат препораки од ИЈЗ се рестораните и кафилињата.
Кога има прекин во водоснабдувањето, од ИЈЗ велат дека рестораните и кафулињата треба да обезбедат доволна количина на флаширана вода за пиење, готвење и подготовка на пијалаци.
Угостителските објекти треба да го приспособат менито за да избегнат јадења и пијалаци што бараат многу вода како што се супи или комплицирани сосови и да бидат фокусирани на оброци и пијалоци кои можат да се подготват со минимално количество вода. За санитарни потреби треба да имаат наполнети резервоари, канистери или кофи со вода за миење садови, раце и површини, а потребно е да имаат и доволно средства за дезинфекција на раце, марамчиња за суво чистење и санитарни раствори за чистење површини.
Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, најавија поради санирање на четири дефекти, прекин на вода во Скопје ќе има по 22 часот в петок (20 декември) и ќе трае сѐ до санирање на дефектот.
Вода ќе немаат корисниците главно од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од СП Планет во Ѓорче Петров, па преку Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), сѐ до Зелениково и Студеничани.
Деновиве, најавениот прекин на вода во голем број скопски општини ја зголеми побарувачката за вода низ маркетите, а најмногу се празнат рафтовите каде што стојат тубите со пет литри.