Нема докази за непрофесионално и незаконско постапување од страна на полициските службеници, заклучила внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи во случајот со новинарот Фуркан Салиу.
Салиу на 7 мај објави видео-снимка на која се гледа како полициски службеници го попречуваат да земе изјава од министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, за време на јавен настан каде што уредно беа поканети медиумите.
По реакциите од новинарот Салиу и Здружението на новинарите за попречувањето во работењето, од МВР најавија дека случајот ќе го испита Одделот за внатрешна контрола, кривични истраги и професионални стандарди (ОВККИПС).
Како што бил известен засегнатиот новинар, сепак од Одделот за внатрешна контрола по целосно извршените проверки не утврдиле докази за непрофесионално постапување на полицајците.
„ОВККИПС, по целосно извршените проверки цени дека нема докази за непрофесионално и незаконско постапување и однесување од страна на полициските службеници, овластените службени лица и други припадници од МВР“,
се вели во одговорот што Салиу го сподели и на социјалните мрежи.
