Мерката „Викенд без ДДВ“ е со цел стимулирање на приватната потрошувачка кон домашни производи и домашни услуги, а ќе се спроведува преку апликацијата Мој ДДВ, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска во вечерашното гостување на Телма.
„Тоа значи дека апликацијата овозможува да се постават одредени лимити, колку сметки, во кои сектори, колкав ќе биде повратот, дали ќе биде 100 проценти повратот за одредени производи и сето тоа ќе биде овозможено бидејќи апликацијата функционира, се со цел да се спроведе тој викенд со поголем поврат на ДДВ во насочени сектори кон домашна потрошувачка на домашни производи и услуги“,
рече Ангеловска.
Во однос на можноста за злоупотреба на оваа мерка, министерката истакна дека тоа би било возможно доколку не постоеше технологијата и дека лимитите за повратот на „Викенд без ДДВ“ ќе бидат познати откако добро ќе се разработи целиот проект.
Според Трајко Славески ВМРО-ДПМНЕ, оваа мерка е бесмислена и со овој „Викенд без ДДВ“ најмногу ќе се помогнат поимотните граѓани, а најмалку ќе им користи на граѓаните кои трошат на добра и услуги каде има или повластена или нула стапка на ДДВ.
Тој рече дека ја гледа и најслабата точка на Владата, а тоа неподготвеноста за проектите.
„Реализацијата на капиталните инвестиции во нормални услови се покажа како ахилова пета на оваа Влада. Мислам не треба да се дискутираат. Да се потсетиме на дебати во ова студио и одгласи во јавноста дека имаме многу низок степен на реализација на капитални инвестиции и мислам ги знаеме причините нели, слаба подготвеност на проектите, некапацитетни тимови на буџетските корисници“,
истакна Славески.
