Четириесет и тригодишен пациент со ковид-19 од Тетово е тргнат од распиратор во ГОБ„ 8 Септември“, објавува НОВАТВ. Тој бил хоспитализиран во тешка состојба во болницата и на респираторна машина бил поставен на 6 мај, се до 17 мај кога е ослободен од респираторната машина и почнал слободно да дише.
Ова е втор пациент кој станал од респиратор во државата, а претходно ниту еден од пациентите со коронавирус кои беа на респираторна машина не преживеа.
Информацијата ја потврдил и директорот на болницата, д-р Кристијан Костов. Тој појаснува дека овој пациент бил примен во многу тешка состојба, со пневмонија и рендген снимка типична за болеста, со побелени бели дробови исполнети со слуз.
„Пациентот беше во многу тешка состојба, поставен на СИПАП маска (контролирана вентилација). Интубиран е на 6 мај, екстубиран на 17 мај. Тој се чувствува добро, земен му е брис и доколку биде негативен ќе биде префрлен на одделот каде што се негативните случаи и откога ќе се заздрави ќе биде пуштен дома“,
изјави д-р Костов за НОВАТВ.
Пациентот примал комбинирана терапија која им се дава на пациентите во зависност од индикациите, како и озонска терапија. Кога се разбудил, веднаш побарал да јаде и се чувствувал добро.
Досега, во ковид-центарот, 10 пациенти примале озонска терапија. Директорот Костов вели дека озонирањето на крвта го правеле кај најтешко болните.
