Тој во интервју за ТВ 21 откри дека уставните судии се изложени на закани и на политички притисок и рече оти крајно време е политичарите да ги тргнат рацете од судството
Подготвителната седница за Законот за употребата на јазиците најверојатно ќе се одржи во март откако Уставниот суд ќе го добие пријателскиот совет од Венецијанската комисија и откако ќе се усогласат термините со експертите што ќе треба да допатуваат во Скопје, изјави вечерва во интервју за ТВ 21 претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој додаде дека одржувањето на подготвителни седници е исклучително корисно и оти тоа е еден од начините на кои тие ја градат довербата и ги уверуваат граѓаните во нивната непристрасност и независност.
„Ќе ги судриме правните аргументи. Истото важи и за пријателскиот совет што е веќе побаран од Венецијанската комисија. Точно е, од Венецијанската комисија ние имаме правно мислење за законот. Но, ние употребивме друга алатка – пријателски совет и тоа може само уставни судови да го побараат во случај кога ќе утврдат некои спорни правни прашања особено во доменот на меѓународните и европските стандарди“,
изјави Костадиновски.
Листата на учесници што би биле повикани на подготвителната седница на Уставниот суд, Костадиновски вели дека би била направена до 24-25 декември.
„Откако ќе го направиме тоа, бидејќи сум во контакт со Венецијанската комисија, би сакал и нивни експерти да дојдат на подготвителната седница. Откако ќе ги утврдиме можните термини, секако ќе бидат некаде во март, да го почекаме и Венецијанскиот совет што би бил усвоен на почетокот на март, штом го добијам пријателскиот совет и кога би можеле да дојдат експертите, јас веднаш ќе ја свикам седницата“,
рече Костадиновски.
Тој во интервјуто откри дека уставните судии се изложени на закани и на политички притисок и рече оти крајно време е политичарите да ги тргнат рацете од судството.
„Мислев да се пожалам до ЕУ за притисокот кој се врши врз Уставен суд подолг временски период. Уставните судии се изложени на закани па дури и политички притисок. Како вам ви звучи кога некој ќе каже дека Уставен суд сака дестабилзиација“,
праша Костадиновски.
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека овие уставни судии се бирани од минатата власт, претседателот на Уставниот суд ја оцени како непримерна.
„Судиите ги бира Собранието, еден, друг, трет состав, но тоа не значи дека може да влијае врз судиите. Имаат интегритет, дигнитет и никој не може да влијае врз нив“,
рече тој.
За барањето на ДУИ за негова оставка, откако претставници на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“ формираа т.н. „Стража на јазикот“, Костадиновски кажа дека нема да ги коментира партиите.
„Апсолутно не чувствувам никаква одговорност и не сакам воопшто да ги коментирам изјавите на претставници на политичките партии. Но, како претседател на Уставен суд сум должен да реагирам во случај кога партиите ќе покажат исклучително ниска политичка култура, затоа што јас имам должност да го штитам интегритетот на Судот и функцијата што ја вршам. Разбираме борба за гласови, но постојат некои минимални стандарди, дури и во политичката битка постојат црвени линии. Може политичка битка, но не преку грбот на Уставниот суд. Играњето со чувствата на граѓаните е многу опасна работа“,
порача Костадиновски.
