„На Тик-ток нивото на безбедност и заштита е пониско за разлика од останатите социјални мрежи. Затоа и може да се споделуваат видеа што повикуваат на насилство, на булинг или на омраза. Внимателно ја следиме мрежата и ќе се однесуваме онака како што ќе се однесуваат и државите од Европската Унија. Следиме внимателно со цел да не направиме нешто што е спротивно на демократијата“, вели министерот за дигитална трансформација
Опасно е да влеземе во забрана на апликации, како држава што се смета за европска, либерална, демократска и верува во прогресивните вредности на Европската Унија. Ова денеска го изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, одговарајќи на новинарско прашањето што Владата размислува да преземе околу појавата на предизвикот на социјалната мрежа Тик-ток, поради кој малолетници завршија во болница со скршеници и набиеници.
„Би било штетно да одиме кон целосно забранување на апликациите. Ваков тип на предизвици можат да се појават и на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб. Ќе треба ли да одиме кон забранување на сите мрежи во државата?“
рече тој.
Смета дека имаме слабости во воспитувањето на младата генерација и дека поради тоа се случуваат вакви ситуации.
„Социјалните медиуми се само платформа за споделување на овие информации, но информациите повторно потекнуваат од младите, од децата и од недостатокот од воспитување од родителите. Ваков вид на предизвици имало и порано, кога луѓето се повредувале, но се споделувале на друг начин, не се споделувале на социјалните мрежи. Она што го правеле државите, работеле со родителите и со училиштата. Мислам дека нашиот фокус треба да биде токму на родителите и на училиштата“,
рече тој.
Внимателно ја следат состојбата на социјалната мрежа Тик-ток и по ова прашање ќе се однесуваат како и државите од Европската Унија.
„На Тик-ток нивото на безбедност и заштита е пониско за разлика од останатите социјални мрежи. Затоа и може да се споделуваат видеа што повикуваат на насилство, на булинг или на омраза. Внимателно ја следиме мрежата и ќе се однесуваме онака како што ќе се однесуваат и државите од Европската Унија. Следиме внимателно со цел да не направиме нешто што е спротивно на демократијата“,
кажа Андоновски.
Токму поради случаите на социјалните мрежи, министерот најави дека ќе се формира Центар за побезбеден интернет за деца, кој ќе биде развиен следната година со поддршка од невладиниот сектор и универзитетите „Свети Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“.
„Ќе изработиме платформа на која ќе може да се пријавуваат вакви случаи и на која ќе можат да се даваат ресурси на оние што се сметаат дека се жртва на напад, на булинг на интернет, да можат да се справуваат со истата ситуација“,
вели министерот.
Како дел од овој проект, додаде дека во втора фаза ќе работат со педагозите и психолозите во училиштата, но и со родителите, со цел да им се дадат потребните ресурси како да ги заштитат децата онлајн.
Минатата недела опасниот предизвик на Тик-ток, „Супермен“, беше причина што 11 малолетници завршија на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, со скршеници и набиеници.
Во предизвикот дете со крената рака како Супермен се затрчува кон група која има испружено раце и откако ќе го фатат детето, го фрлаат во воздух. Другите деца се тргаат настрана, а очекувањата се дека Супермен ќе „летне“, па на крајот ќе се спушти и ќе застане на нозе.
Поради овој предизвик, некои земји веќе најавија дека ќе ја забранат оваа социјална мрежа.