Според општината, ова барање произлегува врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 2 од 24.04.2017 година со која Општина Гази Баба е задолжена да му плати на Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги „Адонис“ ДООЕЛ Скопје

Општина Гази Баба како единица на локалната самоуправа нема склучено договор за професионално ангажирање на адвокатот Влатко Ристовски и кон него нема исплатени финансиски средства за извршени адвокатски услуги. Ова е наведено во денешната реакција испратена од Општина Гази Баба, а која се однесува на податоците изнесени во последното истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Податоците до кои дошле од Центарот покажуваат дека од Општина Гази Баба за услуги минатата година наплати извршиле само четворица адвокати. Најголемиот износ, во висина од 100 илјади евра, општината му го исплатила на адвокатот Влатко Ристовски по основ „изградба на пречистителни станици и колектори“. Тоа, како што велат од ЦГК, е највисокиот износ кој една општина го има исплатено на еден адвокат.
Од Општината, во реакцијата, пак, велат дека кај нив на ден 07.08.2023 година од страна на канцеларијата на адвокатот Влатко Ристовски бил доставен предмет со барање за исплата на побарување во вкупен износ од 6 152 377 денари.
Според општината, ова барање произлегува врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 2 од 24.04.2017 година со која Општина Гази Баба е задолжена да му плати на Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги „Адонис“ ДООЕЛ Скопје.
„Финансиските средства се исплатени на адвокатската канцеларија врз основа на склучен договор за отстапување на побарување кој е склучен на 16.02.2022 година во кој Друштвото за градежништво, промет, транспорт и услуги ’Адонис’ ДООЕЛ Скопје како отстапувач, го пренесува целокупното побарување што го има спрема Општина Гази Баба на адвокат Влатко Ристовски од Скопје, како примач“,
стои во реакцијата од Гази Баба.
Оттаму додаваат дека во изминатиот период имаат ангажирано адвокат, како правен застапник пред надлежните институции со цел да ги брани и застапува интересите на општината за предмети кои се однесуваат за постапување на општината пред октомври 2021 година.
Меѓу другото, додаваат дека за професионалното ангажирање на адвокат имаат исплатено средства согласно тарифникот за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите во Република Северна Македонија.
Денеска од Центарот за граѓански комуникации го објавија најновото истражување кое покажува дека за ангажирање адвокати, сите општини, Град Скопје, министерствата и Владата, минатата година исплатиле повеќе од два милиони евра.
Прв на листата меѓу општините е Град Скопје со исплати во износ од 214 илјади евра, а зад него е Гази Баба од каде за адвокатски услуги се исплатени 123 илјади евра.