Реакцијата на ДУИ се однесува на прашањето што новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ му го постави на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по завршување на вчерашната прес-конференција. На видеоснимката од нивниот разговор, објавена на фејсбук-профилот на порталот, Салиу го прашува Костадиновски зошто на таблата зад него, на која е испишано името на Судот, освен на македонски, не е напишано и на албански јазик, со оглед на тоа што Законот за употреба на јазиците е и натаму во сила
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) побара итна оставка од претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, обвинувајќи дека имал скандалозна и целосно неприфатлива изјава по вчерашната прес-конференција поврзана со Законот за употреба на јазиците, за кој уставните судии одлучија да одржат подготвителна седница пред да се произнесат за неговата уставност.
„Прашан од новинар за недостигот на албанскиот јазик на таблата зад него, и покрај фактот што Законот за употреба на јазиците е во сила, претседателот на Уставниот суд изјави дека ‘знае дека законот е во сила, но не му се допаѓа законот’. Лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста. Неговото однесување ја поткопува не само довербата на граѓаните во институциите, туку и основните принципи на демократијата и меѓуетничката еднаквост“,
наведуваат од ДУИ во писменото соопштение.
Оттаму повикаа на итна оставка на Костадиновски, оценувајќи оти ваквите случувања не треба да се толерираат, а институциите треба да дејствуваат и да го гарантираат почитувањето на законот и меѓуетничката еднаквост.
Реакцијата на ДУИ се однесува на прашањето што новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ му го постави на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, по завршување на вчерашната прес-конференција. На видеоснимката од нивниот разговор, објавена на фејсбук-профилот на порталот, Салиу го прашува Костадиновски зошто на таблата зад него, на која е испишано името на Судот, освен на македонски, не е напишано и на албански јазик, со оглед на тоа што Законот за употреба на јазиците е и натаму во сила.
На ова, Костадиновски рече:
„Знам на што алудирате. Кога ќе се направи лош закон… еве, на пример, по моето правно толкување, Уставниот суд не е опфатен во Законот. Одредбите од Законот се однесуваат на сите институции, а дали знаете дека уставната поставеност на Уставниот суд е надвор од системот на поделбата на државната власт – четврта глава.“
На забелешка од новинарот дека Законот предвидува негова употреба во сите институции каде што има избрани и именувани функционери, како во случајот со Уставниот суд, чии членови ги избира Собранието, Костадиновски рече дека токму затоа законското решение не е во ред и оти мора точно да прецизира каде да се употребува.
Согласен е дека Законот треба да се почитува.
Освен критика за изјавата на Костадиновски, од ДУИ ја осудија одлуката на Уставниот суд за продолжување на процесот за проценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците со најавата за одржување подготвителна седница, и покрај, како што велат, бојкотот на судиите од албанската и турската заедница.