„Подобро е да имате мала птица во раката отколку голема птица на покривот. Значи, ја имаме малата птица во нашите раце (замрзнатите средства) и ова е алатка за притисок и врз Русија“, вели шефицата на европската дипломатија во интервју за повеќе европски весници
Милијардите руски државни средства замрзнати од страна на Европската Унија треба да се искористат за помош на Украина, вели високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.
Во врска со ова прашање, таа во интервју за британски „Гардијан“ и уште четири други европски весници, прво по нејзиниот избор на функцијата, вели дека Украина има легитимно право на компензација за штетите предизвикани од руската инвазија, додавајќи дека замрзнатите средства на Москва што се чуваат во ЕУ се „алатка за притисок врз Русија“.
Европската Унија, како што наведува британскиот дневен весник, веќе почнала да троши дел од руските средства, но се воздржува од заплена и располагање со целата сума, која изнесува околу 210 милијарди евра, поради сомневања во законитоста на таквиот потег. Инаку, ЕУ држи повеќе од две третини од суверените средства на Русија во вредност од 300 милијарди американски долари, замрзнати од западните сојузници по руската инвазија на Украина.
Новата шефица на европската дипломатија, која пред стапувањето на функцијата беше премиерка на Естонија, вели дека и покрај чувствителноста, сепак „еден ден ќе стигнеме таму“. Оваа нејзина изјава се толкува како зголемување на притисокот врз владите на земјите членки на ЕУ за преиспитување на ова прашање.
Според Калас, замрзнатите руски средства ќе помогнат да се плати сметката за сите штети што Русија ѝ ги нанела на Украина.
„Подобро е да имате мала птица во раката отколку голема птица на покривот. Значи, ја имаме малата птица во нашите раце (замрзнатите средства) и ова е алатка за притисок и врз Русија“,
вели таа.
Нејзиниот предлог доаѓа во услови кога е сè погласна расправата во ЕУ за тоа како Унијата да продолжи со финансирањето на Украина на среден рок и како да се плати огромната сметка за реконструкција на земјата. Дополнителен момент кој го подгрева ова прашање е враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, кој во досегашните свои изјави отворено говореше против американската помош за Украина.
Во овој контекст, Калас вели дека Европа треба да ја засили помошта за Украина доколку САД ја повлечат финансиската помош за земјата.
„Ако тие (САД) ја намалат помошта, тогаш треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина, бидејќи јас сум загрижена што ќе се случи ако Русија победи. Мислам дека ќе имаме повеќе војни, поголеми војни“,
вели шефицата на европската дипломатија.
Според неа помошта за Украина е инвестиција во европската и глобалната безбедност, притоа осврнувајќи се на присуството на севернокорејски војници во Украина, како и на кинеските воени вежби во Јужното Кинеско Море.
„И Кина учи од она што го прави Русија“,
смета Калас.
Инаку, на првиот ден по преземањето на функцијата, таа беше во посета на Киев, каде имаше средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој по неа рече дека на неговата земја ѝ се потребни „дипломатски решенија“ но само ако Москва биде оневозможена да врши понатамошни напади.
Неделава полскиот премиер Доналд Туск рече дека мировните преговори за Украина би можеле да започнат во текот на зимата, но Калас вели дека не сака да се потпира на датуми бидејќи, како што додава, Русија не ги сака тие преговори.
Прашана за неодамнешните телефонски разговори меѓу Владимир Путин со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со германскиот канцелар Олаф Шолц, таа вели:
„Тие (Орбан и Шолц) го прават тоа за домашни цели. Јас не би го направила, но не е на мене да критикувам“.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот закажан за в понеделник, вели Калас, ќе разговараат за тоа дали има „некоја додадена вредност“ од таквата дипломатија.
„Министрите ќе проценат зошто некои членки го прават ова, што сакаат да постигнат со ова и дали има додадена вредност… Путин навистина сака да ја понижи Европа. Тоа е она што треба постојано да го имаме на ум“,
вели шефицата на европската дипломатија.