Тројцата полициски службеници се во добра здравствена состојба, но вечерва ќе бидат задржани во болница
Тројца припадници на обезбедувањето на собранискиот претседател Африм Гаши се повредени во сообраќајна несреќа што се случила утринава во 10:45 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево. Возилото „сеат алтеа“, сопственост на МВР, излетало од патот во близина на Ново село, Општина Дебарца.

„По укажаната помош на местото на настанот од екипа од Итната медицинска помош, тие се пренесени во болницата ‘Свети Еразмо’ во Охрид“,
информираат од СВР Охрид,
Тројцата се во добра здравствена состојба, но вечерва ќе бидат задржани во болница.
Возилото било управувано од Ј.Л. (37), а сопатници биле И.Б. и Б.М, сите полициски службеници. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид на местото на несреќата.
Случајот го потврди и спикерот Африм Гаши, за време на посетата на пратеничките канцеларии во Охрид.
„Се случи сообраќајна несреќа на обезбедувањето. Веднаш отидовме во болница и ги видовме тројцата припадници од безбедносните сили, кои се дел од обезбедувањето. Се прават сите снимки и анализи. Докторот и директорот на болницата нè информираа дека нема потешки повреди, но ќе ги задржат вечерва да не се случи нешто во меѓувреме. Според сите информации, сè е во ред со тројцата“,
изјави Гаши во одговор на новинарски прашања.
Случајот, како што рече, е уште една порака до сите инволвирани во изградбата на автопатот Кичево-Охрид да се работи интензивно и квалитетно.
