Шест јужнокорејски опозициски партии поднесоа предлог-закон со кој се бара импичмент на претседателот Јун Сук Јеол откако тој вчера ненадејно прогласи воена состојба, која подоцна ја укина
Ги следиме настаните во Јужна Кореја, нема да ја коментирам внатрешнополитичката ситуација, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред почетокот на вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.
„Јужна Кореја е наш многу важен пријател. Доколку е потребно, ќе коментирам подоцна, засега го знаеме тоа што гледаме на телевизија“,
додаде Руте.
Тој информира дека министрите денеска ќе разговараат за руската кампања на непријателства против сојузниците.
„Русија и Кина се обидуваат да ги дестабилизираат земјите на НАТО со саботажи, киберкриминали, да ја користат енергијата како оружје. Треба да разговараме како да се браниме, да споделуваме разузнавачки информации, да ја заштитиме критичната инфраструктура“,
додаде Руте.
Шест јужнокорејски опозициски партии поднесоа предлог-закон со кој се бара импичмент на претседателот Јун Сук Јеол откако тој вчера ненадејно прогласи воена состојба, која подоцна ја укина.
Предлог-законот поднесен од опозицијата, како што јавува јужнокорејската новинска агенција Јонхап, а пренесува Си-ен-ен, бил поднесен до Националното собрание во 14:40 часот по локално време.
Шесте партии, вклучително и главната опозициска Демократска партија, одлучија да предложат иницијатива за отповикување на Јун по широката реакција во политичкиот спектар на неговата краткотрајна уредба за воена состојба. Предлог-законот се очекува да се најде на пленарната седница на Националното собрание на Јужна Кореја во четврток, а гласањето да се одржи во петок или сабота.
